Достапни линкови

Поради мигрантите продолжена кризната состојба до 30 јуни 2017


Собранието денеска до 30 јуни 2017 година го продолжи рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија, имајќи го предвид распуштањето во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември.

Пратениците ги изгласаа и одлуките за испраќање на припадник на АРМ за учество во мировна операција на Европската Унија, „Алтеа“ во БиХ и за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Исто така се гласаше и за ченови на одбори и комисии.

На предлог на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, претходно Собранието за министер без ресор го избра Бејџан Иљас, а го разреши Фуркан Чако.

На дневен ред се и Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за соработка за прашања од областа на Европската интеграција, помеѓу Владата на Република Македонија, претставена од Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Косово, претставена од Министерството за европска интеграција, Предлог на закон за ратификација на Договорот за основање на Фонд за Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за заемна заштита на класифицирани информации, Предлог на закон за ратификација на Договорот за основање на Регионална канцеларија за младинска соработка,Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, Дополнет предлог на закон за вработување на сто најдобри дипломирани студенти на јавните универзитети во Република Македонија, двата во второ читање.

Беа предложени и неколку закони по скратена постапка и тоа Предлог на закон за даночни, царински и други фискални погодности во врска со одржувањето на УЕФА Супер Куп 2017 во Република Македонија, Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), како и измени и дополнувања на Законот за вршење на сметководствени работи, на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за данокот на добивка, на Законот за спортот, на Законот за внатрешни работи, на Законот за градежно земјиште, на Законот за поштенските услуги и на Законот за одликувања и признанија на Република Македонија. Во прво читање се законите за измени и дополнувања на Законот за иновациската дејност и на Законот за банките.

XS
SM
MD
LG