Достапни линкови

На два месеци пред изборите во јавноста повторно станаа актуелни личностите кои наводно соработувале со тајните служби. Се презентираат едиции и се вадат стари досиеја и сведоци, иако процесот на лустрација неодамна заврши.

Проблематично е вадењето на досиеја на луѓе кои наводно биле соработници со тајните служби пред започнувањето на предизборната кампања, коментираат експертите откако во јавноста повторно актуелно стана ова прашање. Медиум, кој важи за близок до власта, објави документи според кои новинарот Панта Џамбазовски, кој е ангажиран како експерт во СЈО, бил соработник на тајните служби. Џамбазовски негираше дека соработувал или имал некаква корист од тајните служби. Во меѓувреме, низ земјава се промовира и едицијата „Црните страници на УДБА“, која ја објави Државниот архив, а во некои од медиумите може да се слушнат и сведоштва на граѓани за голготата на нивните семејства благодарение на тајните служби.

Во таканаречените бомби на опозицијата можеше да се слушне и како власта нарачувала кое лице да биде лустрирано.

Професор Мирјана Најчевска вели дека од неколку аспекти е проблематично во овој период да се отвораат стари досиеја е евентуалната поврзаност на личности со УДБА.

„Проблематично е заради тоа што се избегнува доколку има основа на водење вистински судски постапки. Проблематично е заради тоа што во основа не станува збор за луѓе кои во моментов се на такви позиции од каде што можат на овој или на оној начин да го загрозат развивањето на демократијата и проблематично е тоа што нема вистинска постапка во која може човек кој што е изложен на ваков вид хајка или кампања да го исчисти своето име во период што е предизборен и полн со ваков вид на настапи“, вели Најчевска.

Таа додава дека она што е карактеристично за актуелната власт е продуцирањето на лаги во услови кога не постои вистински заштитен механизам и кога правосудството е сведено на партиска алатка.

„Луѓето едноставно немаат шанси. Не можат да се одбранат од напливот на лаги кои може да ги продуцира оваа власт а кои многу лесно допираат до јавноста со оглед на бројот на медиуми кои ги контролираат“, вели таа.

Неодамна од Институтот за човекови права ја презентираа анализата за спроведување на лустрацијата. Според анализата, лустрацијата наместо да ги расветлува фактите, се претворила во инструмент за пресметка со политичките неистомисленици.

Законот за лустрација беше донесен во 2012, а беше укинат во 2015 со што запре и процесот на лустрирање. Но, одлуките на Комисијата за лустрација останаа. Комисијата прогласи 203 луѓе за кодоши. Со конечно решение се лустрирани 68 лица, а за 23 решението го поништи Управниот суд, при што беа лустрирани 78 починати.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG