Достапни линкови

Ердоган: Нема да застане реализацијата на „Турски поток“


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во својот говор на почетокот на Светскиот конгрес во Истанбул посочи дека Турција заедно со Русија ќе продолжат да работат на реализација на проектот „Турски поток“ додавајќи дека изградбата на втората етапа од овој гасовод ќе зависи од условите на европскиот пазар за природен гас.

Ердоган изјави дека цел на Турција е 10 проценти од своите потреби за електрична енергија да ги задоволува од атомски централи, па затоа бара начини за изградба и на трета нуклеарка во земјата.

На Конгресот присуствуваше и рускиот претседател Владимир Путин, кој во обраќањето изјави дека Русија, иако не е членка на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), сепак е подготвена да ги спроведува мерките за ограничување на производството на овој енергенс, како единствен начин да се обезбеди баланс на нафтениот пазар по подолгиот период на ниски цени на „црното злато“.

Рускиот претседател нагласи и дека Русија очекува на состаникот со ОПЕК, предвиден за следниот месец, да биде постигнат и конкретен договор за стабилизација на нафтениот пазар.

Во рамки на престојот во Истанбул, предвидено е Путин да има и билатерална средба со Ердоган, на која ќе се разговара за руско-турските односи и за повеќе регионални и меѓународни проблеми.

Посетата на рускиот претседател на Истанбул доаѓа по деветмесечна криза во односите меѓу Москва и Анкара, поради соборувањето на рускииот воен авион од страна на турските вооружени сили над границата со Сирија во ноември минатата година.


XS
SM
MD
LG