Достапни линкови

Соничните приказни на 35-от Скопски џез фестивал


THE THING
THE THING

Со нагласено авангардна програма, во која перјаници се моќното скандинавско трио THE THING, радикалните MADE TO BREAK на Кен Вандермарк, њујоршките експерименталисти PURLVERIZE THE SOUND или SUPERSONIC на Томас де Пуркери – најзагадочниот креативец на француската музичка сцена, со виртуози како американскиот гитарист Џулијан Лаж или нам добро познатиот Винисиус Кантуарија и каде за „отстапка“ може да се смета полноќниот клупски концерт на Џос Стоун, од 13 до до 16 октомври, ќе се одржи 35-то издание на Скопје џез фестивал, манифестацијата кој поодамна е нашето рамноправно ракување со глобалниот свет.

На урбано Скопје, кое е осудено и натаму да мечтае по вистински концертен простор, по 35-ти пат ќе му се случи неговиот џез фестивал. Манифестацијата што од поодамна не разгали со уверувањето дека сме свет, а која за чудо (?!), како по „традиција“, се обистинува во „прилагодливи услови“. Небаре така го буди инаетот – со малку да се направи многу и никако да не се дозволи да биде урнисано веќе постигнатото реноме. Напротив.

Од таму, наоружани со желба наново и наново да ги шириме видиците, од 13 до 16 октомври, на три сцени – Македонскиот народен театар, Младински културен центар и клуб Скопје сити хол, ќе бидеме во можност да проследиме 10 засебни концерти и исто толку звуковни и енергетски приказни.

Почетокот ќе биде со пијанистот Бојан Зулфирпашиќ, или ако милувате Бојан З, кој во изминативе две децении од класичар и момче блиско до белградската рок сцена израсна до виртуоз кој имал можност да свири со ѕвезди како Анри Тексие, Мишел Портал, да ја добие наградата „Џанго Рајнхарт“ од Француската џез академија и во 2005 да биде прогласен за најдобар европски џез музичар.

Томас де Пуркери
Томас де Пуркери

Првата вечер ќе биде заокружена со неисцрпно љубопитниот американски гитарист Џулијан Лаж, во чија досегашна биографија се забележани размените на енергии со гиганти како Гери Бартон, Џим Хол, Дејвид Грисман, Чарлс Лојд... Лаж зад себе има четири албумски објави како фронтмен и уште неколку во дует, а за свирката на актуелниот „Arclight“ критичарите ќе забележат е дека ги рефлектира сите негови вештини истражувајќи два различни периода – музиката од раниот до средниот 20 век – „џезот пред бибоп-от“ и ерата на импровизацискиот џез нераскинливо врзана со песните и фолк изразот.

В петок, на 14 октомври, по четврти пат и втор пат со вперен рефлектор врз себе, ќе го видиме и чуеме фантастичниот бразилски кантавтор со интернационална кариера Винисиус Кантуарија. Истиот оној кој стоел рамо до рамо со Каетано Велосо, Бил Фризел, Арто Линдзи, Ричи Сакамото, Дејвид Брн, овојпат од Њујорк доаѓа да ни го претстави својот соло-проект посветен на творештвото на големиот Антонио Карлос Жобим.

И, по таквата понуда сочинета од „боса-новата во сиот свој раскош“, по вторпат во Скопје и прв со своето трио ќе го видиме и чуеме извонредниот полски пијанист Марчин Василевски со неговиот гостин - шведскиот саксофонист Јоаким Милдер, со кого патем другаруваат од настапите со проектот „ Litania“ на Томаж Станко.

Џулијан Лаж
Џулијан Лаж

Третата вечер ќе започне со најрадикалниот состав на саксофонистот и композитор Кен Вардермарк - MADE TO BREAK во чие звучна слика покрај вкрстувањето на слободната импровизација, фанкот и електрониката бележити се посегањата по музиката на Етиопија, THE EX, идеите на Џон Кејџ и Мортон Фелдман, рекомпонирањето и уникатниот приод кон мелодијата, звукот и ритамот.

По нив следува едно од современите чуда на авангардниот џез – скандинавското трио THE THING. По четири години од одличниот високооктански концерт во киното „Милениум“, Матс Густафсон (кого го знаеме и како саксофонист и „диригент“ на феноменалниот FIRE ORCHESTRA), басистот Ингебрикт Хакер Флатен и тапанарот Пол Нилсен – Лав, еве ги со нова порција бескомпромисност и енергија што тече во врутоци.

И, конечно в недела најнапред перформансот на њујоршките експерименталисти PURLVERIZE THE SOUND предводени од трубачот Питер Еванс и нивната визија во која фокусот е на брзината, гласноста и потребата да се срушат постојните бариери, за да потем ја проследиме и ововремената посвета и восхитот со кој французите SUPERSONIC на саксофонистот и вокалист Томас де Пуркери му се обраќаат на возвишениот и универзален репертоар на ненадминатиот Сан Ра.

PURLVERIZE THE SOUND
PURLVERIZE THE SOUND

Во пополноќната програма годинава два не помалку важни концерти. По неколку години, на Скопскиот џез фестивал, како едни од ретките македонски музичари, ќе ги видиме Гоце Стефковски септет со извонредниот мултиинструменталист и композитор Џијан Емин како гостин и една од најсилните вокални појави на британската поп сцена и добитничка на наградите „Греми“ и „БРИТ“ - Џос Стоун, за чиј клупски ритам и блуз настап влезниците беа продадени за неполни три часа.

„Тоа беше моја идеја, а и нејзино инсистирање да настапи во рамките на џез фестивалот, нејзиниот концерт го направиме во помал простор кадешто тие среќници коишто ќе дојдат до карта навистина ќе уживаат во самиот настап. Јас се надевам дека тоа така и ќе се случи со еден нов и добар разглас во МКЦ, со еркондишн, таму е и подигната сцената итн. Инаку немаше опција Џос Стоун да ја правиме во Мерополис арена или во некоја друга сала поради две причини. Првата и клучна е тоа што во тој период на Саем се одвива Технома што значи салата не е слободна, а вториот, без оглед на можните позитивни финансиски и комерцијални ефекти, јас Џос Стоун не сакав да ја правам во спортска сала, на пример „Кале“ или „Борис Трајковски“, сметајќи дека таков еден концерт без оглед на придобивките не треба да биде подложен на лош амбиент и пред сè на лош звук. Има и уште еден друг момент. Фестивалот е прилично авангарден и современ по својата содржина, а пејачката е повеќе соул и поп, така што се решивме да не го нарушуваме постојниот концепт на манифестацијата“, вели во предвечерието на случувањето Оливер Белопета, првиот човек на Скопје џез фестивал.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG