Достапни линкови

Ваши коментари: Марш за 11 Октомври и политички дебати


Текстовите и анализите посветени на најавениот марш за 11 Октомври, иселувањето, политичките дебати и изборите предизвикале најмногу коментари на нашата интернет страница и на социјалните мрежи.

„СДСМ нема ништо заедничко со 11 Октомври бидејќи тој голем ден е ден кој симболизира македонско востание за македонска држава...‟ - и се во овој стил напишал Бале Анчески во својот пост на Фејсбук страницата на РСЕ, а како реакција на изјавата на лидерот на СДСМ Заев дека на 11 октомври СДСМ, Сојузот на борците, уметници, новинари и активисти ќе организираат протестен марш за да кажат „не‟ на актуелната власт. Инаку, според Бале „татковците на СДСМ‟, како што смета, не се бореле за Македонија, туку за Југославија и за комунизам. Вера Србиноска му реплицира дека многу знае историја „ама напишана од сегашни автори на МВРО‟.

Иселувањето, особено на младите од нашава земја е болна точка наназад десетина години, и на нашата Фејсбук страница има неколку коментари на оваа тема. Дика Битола напишал дека „За една куќа и една кола ќе работите како животни и ќе си го колнете секој ден кога заминавте од сопствената држава‟, и веднаш на ова има реплика од Душан Стојчев: „Барем не те уценува ВМРО да им робуваш цел живот за да се вработиш‟.

На веста дека еврокомесарот Хан доаѓа во Скопје за да оневозможи пролонгирање на изборите, Марјанчо Ангеловски напишал дека никој политичар нема оправдување за погрешни политички проценки и да ја турка земјата во ризични избори. Марјанчо смета дека е време за Пржино 4, односно за влада на национален спас. „Во оптек на власта се над 450 милиони евра, се врши неконтролирано вработување како на државно, така и на локално ниво‟ - постирал Марјанчо Ангеловски како аргумент за ова свое тврдење. Славчо Стефанов, пак, предвидува десетти јубилеен пораз на СДСМ и напишал дека „сите изгубени избори за вас ќе бидат нефер, а кога вие победувавте тогаш беа фер и регуларни?‟

По нашиот текст „Дали се битни политичките дебати пред избори?‟, Златко Ташев иронично постирал: „Ауу, соросоидното комуњарско радио, пардон Радио Слободна Европа на македонски желно било за ТВ дуел...‟, а Мире Славејков прашува каков ТВ дуел? „Грујо ќе тврди дека Заев се обидел да направи пуч (што не проаѓа дури и кај овие судии), дека е шпион (а го нема на суд како сведок) и за поткуп (за кој никако да ’протече’ интегрална снимка). А Заев ќе фати да реди: незаконско прислушување, плацеви, кинески тендери, па Мартин Нешкоски, прифаќање на промена на име, па Космос, па крадени избори 1,2,3,4... За што ќе дебатираат, за економските политики на Грујо или за успесите на меѓународен план и евро-атлантските интеграции?‟ Цветковски Петар, пак, некако со жалење коментира: „Еее, финале на Лига на шампиони беше дуел Бранко - Љубчо‟.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG