Достапни линкови

Втората дебата меѓу Клинтон и Трамп пожестока од првата


Американскиот демократски претседателски кандидат Хилари Клинтон и републиканскиот ривал Доналд Трамп се судрија жестоко во втората од трите дебати пред изборите на осми ноември. Трамп вети дека ќе ја стави во затвор Клинтон доколку тој стане претседател, а Клинтон повтори дека Трамп не одговора за Белата куќа.

Дебатата се одвиваше на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис и до неа дојде само на два дена откако на едно видео од 2005 година Трамп ги навредува жените што предизвика своевидна криза во редовите на републиканската партија.

Некои републикански конгресмени и гувернери јавно изјавија дека нема да гласаат за Трамп. Одговорајќи на нападите, Трамп изјави:

„Јас не се гордеам со тоа. Му се извинувам на моето семејство, му се извинувам на американскиот народ“, рече тој.

Трамп додаде дека неговите коментари не биле ништо повеќе од разговори во соблекувална и наведе дека поранешниот претседател Бил Клинтон, сопруг на нејзиниот опонент, бил обвинет за сексуално несоодветно однесување.

„Моето се зборови, неговото е акција“, рече тој.

Според Трамп, подемот на милитантите на Исламската држава и масакрот во целиот свет се многу побитни прашања за Соединетите Држави.

Хилари Клинтон од своја страна изјави дека видеото е уште еден доказ дека Трамп не одговора за да влезе во Белата куќа.

„Тој изјави дека видеото не го претставува него, но мислам дека на сите што го слушнаа им е јасно кој е тој“, изјави Клинтон.

Жестоката размена на удари продолжи и за други прашања за време на дебатата, вклучувајќи ја и клинтоновата употреба на приватниот меил сервер додека била државен секретар.

Трамп притоа изјави дека доколку биде избран ќе наименувал специјален обвинител за да го истражи случајот.

Клинтон, пак, ја обвини Русија дека оркестрирала сајбер напади против американски организации и поединци со цел да му помогне на нејзиниот републикански ривал Доналд Трамп да биде избран за претседател.

Клинтон за време на вториот директен дуел со Трамп пред изборите на 8 ноември оцени дека станува збор за кампања без преседан со оглед на тоа што се меша и една странска сила.

„Никогаш во историјата на нашата земја не бевме во ситуација каде што противник, странска сила, напорно работи да влијае врз резултатите на изборите и верувајте ми тие не работат јас да бидам избрана. Тие се обидуваат да влијаат за Доналд Трамп да биде избран“, рече таа.

Нејзините тврдења дојдоа на два дена откако администрацијата на претседателот Барак Обама за прв пат го обвини Кремљ за сајбер нападите. Трамп ги отфрли ваквите наводи како смешни.

Официјална Москва постојано ги демантира наводите за нејзина вклученост во сајбер нападите во САД.

Клинтон и Трамп дебата ја почнаа без да се ракуваат, но на крајот сепак го сторија тоа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG