Достапни линкови

logo-print

„Панфиз“ - деветти пат со главата во ѕид


Пантомимичарот Маи Рохас

Пантомимичарот Маи Рохас

И натаму на крилјата на ентузијазмот и со симболична институционална помош, од 9 до 11 октомври, на малите сцени во МНТ и во МОБ, ќе се одржи 9-то издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“, на кое годинава учествуваат артисти од Шпанија и соседните Бугарија и Србија.

Шест претстави, селектирани од над 50-ната апликации, ќе бидат прикажани на деветтиот Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“, кој од 9 до 11 октомври, ќе се одржи на малите сцени на Македонскиот народен театар и на Македонската опера и балет. Отворањето ќе биде со извонредниот Костариканец Маи Рохас, уметник кој во својата досегашна кариера ги има епизодите со „Циркусот на сонцето“, Театарот на Л-Анџ Фоу и Интернационалната школа за телесна пантомима, театарскиот проект „Белиот храм“, кој моментално живее и твори во Барселона. Тој во Скопје доаѓа со „Легендата за фауната и патувањето“, претстава сочинета од пантомима, физички театар, видео продукција и ефекти, а во која „сликарот е опседнат со идејата на сликата да и вдахне форма и живот“.

Првата вечер ќе биде комплетирана со „Замислен свет“ во режија на Трајче Георгиев и изведба на Здружението на глуви и наглуви лица од Врање, соседна Србија.

На 10 октомври на „Панфиз“ гостува Националната академија за филм, телевизија и театар „Крсто Сарафов“ од Софија. Најнапред студентите од класата на Александар Илиев ќе ја изведат претставата „Мајка природа“ (во која патем се бават со најважниот мит на човештвото – Создавањето на светот), а потем нивниот професор ќе ни ја „раскаже“ приказната за Пјеро чиј живот е постојана борба со судбината.

Конечно на третиот ден од Фестивалот, на малата сцена на МОБ, ќе биде изведена претставата „Живот на висока нога“ (сторија за делењето, давањето, земањето, комплексите, општествените слоеви и односите меѓу половите...) на Центарот за развој на циркуската уметност „Лудифико“ од Нови Сад, а по нив ќе настапи Марко Нектан, млад уметник од Панчево, со „Чекорот на сафирот“ - всушност „буто патување во потрага по божествената есенција на животот“.

Говорејќи за програмата, актерот, пантомимичар и прв човек на „Панфиз“ - Трајче Георгиев вели дека годинава стокмиле една шаренолика програма која и во овој случај се движи во рамките на нивните „финансиски можности“.

„Она што е вредно, квалитетно, што постои во европски и светски рамки од оваа област на театарот навистина не можеме да го донесеме овде затоа што средствата се мали а минимум за еден голем проект од областа на пантомимата и физичкиот театар или од оние театри коишто се занимаваат со овој жанр, само за една продукција ни се потребни најмалку од 10 до 20 илјади евра бидејќи тоа се големи проекти. Значајни проекти. Затоа ние продолжуваме со нашите мали сцени, мали претстави но не кажано во лоша смисла, и она што е понудено во апликациите, како некои мини форми, мали форми сепак поседува квалитет и затоа не случајно се најде на програмата на ова издание на „Панфиз“, вели тој.

Неговата колешка, актерка и пантомимичарка, Снежана Коневска Руси, откако ќе упати јавна покана до студентите на Факултетот за драмски уметности да ги следат перформансите, забележува дека иако велиме мала сцена, мали проекти, овде станува збор за дела кои се бават со големите теми.

„Панфиз“, бирајќи ги малите форми се бави со големите теми. Со замислениот свет или воопшто со постанокот на светот. Со темата живот. Каков живот живееме или замислуваме и го материјализираме и како треба да опстанеме или опстоиме како човечки суштества. Некаде велат дека актерите се кутри суштества, но јас велам дека сепак опстојуваме како човек, значи како луѓе“, вели таа.

На „Панфиз“ традиционално ќе биде доделена само една награда, за најдобра претстава, која вообичаено е спонзорирана од Антонија Цветанова и Росен Пацов, вљубеници во пантомимата и физичкиот театар од Бугарија кои долго време живеат во Франција.

Инаку, жирито годинава го сочинуваат македонската примабалерина Тања Вуисиќ-Тодоровска, Милан Пузиќ - професорот по драматургија на новосадската академија и Ивана Недељковиќ, директорка на Пулс театар од Лазаревац.

Фестивалот „Панфиз“ е подржан од Министерството за култура и Град Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG