Достапни линкови

logo-print

Нобеловата награда за мир за колумбискиот претседател


Норвешкиот Нобелов комитет денеска во Осло соопшти дека годинашниот добитник на Нобеловата награда за мир е колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос. Тој ја доби за неговата работа во постигнувањето мировен договор со бунтовниците од движењето ФАРК за ставање крај на 52 годишната граѓанска војна во таа земја.

Соопштувајќи го добитникот шефот на Норвешкиот комитет Каци Кулман изјави:

„На наградата исто така, треба да се гледа како на почит на колумбискиот народ кој и покрај големите тешкотии и злосторства, не се откажа од надежта на праведен мир, како и на сите партии кои учествуваа во овој мировен процес“.

Ова е своевидно изненадување со оглед на тоа што колумбиците во неделата на референдум го отфрлија мировниот договор со марксистичката бунтовничка група.

Сантос вети дека има намера да го заживее мировниот план и покрај резултатот од референдумот.

Повеќето колумбијци сметаат дека договорот бил премногу попустлив спрема герлиците на ФАРК.

Во долгогодишниот конфликт загинаа најмалку 220 илјади луѓе, додека околу шест милиони беа принудени да ги напуштат домовите.

64 годишниот Сантос ги почна мировните преговори со ФАРК во 2012 година во Хавана.

И двете страни се договорија за создавање посебни трибунали за судење на поранешни борци, како и амнестија од која ќе бидат исклучени оние кои извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото.

Претходно, владата и бунтовниците постигнаа делумен договор за соработка во борбата против недозволената трговија со дрога, за реформа на земјиштето и право на политичка активност на бунтовниците откако ќе бидат разоружани.

Од наградата е исклучен лидерот на ФАРК Родриго Лондоно, подобро познат под името Тимоченко, кој го потпиша договорот со Сантос.

Нобеловата награда за мир во вредност од 8 милиони шведски круни, или 930 илјади долари ќе му биде врачена во Осло на 10 декември.

Оваа година имаше 367 кандидати, од кои 228 поединци и 148 организации. Станува збор за најголем број кандидати од почетокот на доделувањето на оваа награда во 1901 година.

Меѓу нив беа од дипломатите кои преговараа за иранскиот нуклеарен договор, како американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф, до жените припаднички на јазидите кои како робинки беа држени од милитантите на ИД.

Лани Норвешкиот Нобелов комитет наградата за мир му ја додели на Квартетот за национален дијалог во Тунис за придонесот во демократската транзиција на земјата која беше зафатена со Арапската пролет.

Нобеловата награда за мир е единствената која се доделува во Норвешка.

Другите се доделуваат во Стокхолм. Досега освен Нобеловата награда за мир се доделени и награди за медицина, физика и хемија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG