Достапни линкови

Ураганот Метју остави пустош на Хаити, оди кон САД


Бројот на загинатите од ураганот Метју на Хаити постојано расте. Според некои податоци имало неколку стотици жртви. Ураганот се движи на северозапад кон САД, а претседателот Обама прогласи вонредна состојба во Флорида, Јужна Каролина и Џорџија. Наредена е евакуација на три милиони луѓе.

„Не ни остана ништо за да преживееме. Сиот посев е уништен, сите дрвја се скршени. Не знам како ова ќе го решиме“, изјави Марк Ноел, заменик градоначалник на Шантал, на Хаити каде што невремето однесе најмалку 90 човечки животи.

Метју е најсилниот ураган на Карибите од ураганот Феликс во 2007 година и се очекува на брегот на САД да удри како циклон од четврта категорија, што е еден степен помалку од најсилните на скалата за мерење циклони.

Невремето на Хаити ги принуди властите да ги одложат претседателските избори предвидени за в недела.

Повеќето жртви биле убиени од паднати дрвја и остатоци од урнатини носени од силниот ветер откако Метју удри со сила од 145 милји на час.

Невремето помина директно преку југозападниот дел на Хаити.

Сиромаштијата, слабата влада и несигурните услови за живот прават оваа земја да не може да одговори на последиците од големите невремиња и катастрофи.

Американскиот Црвен крст веќе најави дека ќе испрати помош во таа земја. Тоа главно ќе бидат неопходни работи како облека, храна и лекови, вели Сузи Дефрансис од американскиот Црвен крст.

„Ќе му помогнеме на Црвениот крст на Хаити кој има илјадници волонтери низ целата земја.“

Меѓународната помош некогаш не е воопшто доволна.

По силниот земјотрес во 2010 година во кој загинаа над 200 илјади луѓе се појави колерата од која загинаа уште девет илјади луѓе.

Панамериканската здравствена организација соопшти дека е можна повторна појава на оваа смртоносна болест со оглед на тоа што храната и водата за пиење би можело да бидат контаминирани.

Во меѓувреме, Соединетите Држави се подготвуваат на ударот на ураганот Метју.

Според некои очекувања најпогодени би биле државите Флорида, Јужна Каролина и Џорџија каде што е прогласена вонредна состојба.

Американскиот хидрометоролшки завод соопшти дека под закана се над 12 милиони луѓе.

Патиштата во овие држави се преполни со автомобили, додека продавниците се испразнети откако тамошните власти ги предупредија граѓаните да се снабдат со неопходни потреби за неколку денови.

Веќе се отворени и засолништа.

„Секако, многу голема бура ќе го погоди источниот брег и тоа е најверојатно Флорида, Џорџија, Јужна Каролина, можеби Северна Каролина, па Црвениот крст со денови подготвува засолништа за сите“, вели Сузи Дефрансис од американскиот Црвен крст.

Последниот голем ураган ги погоди Соединетите Држави во 2005 година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG