Достапни линкови

Иселувањето - шанса за подобра иднина


Во Македонија речиси и да нема друштво на млади кое секој месец испраќа некого или пречекува од печалба.Трендот на иселување од Македонија во изминативе години нe стивнува.

„Сакам да му понудам подобра иднина на моето дете’, е одговорот на Ана Стојановска, 35 годишна девојка која чека одговор за иселеничка виза. Подобра иднина за своето семејство бара во Австралија. Таа поднела барање за студентска виза во Австралија, ќе запише постдипломски студии, затоа што така, нејзиниот сопруг ќе има право да добие работна виза. Таму веќе две години живее нејзиниот брат со своето семејство.

„Тука работеше како ветеринар, заедно со сопругата имаа своја ординација, со која само покриваа сметки, колку да ја платат киријата. Иселени се во Австралија, не им е лесно, работат нешто што не им е струка, но имаат сега свој стан и полека се средуваат, се обидуваат да останат таму за секогаш“, вели Стојановска.

Ако нашите родители како наследство се обидуваа да ни остават покрив над главата, денешниот тренд е на своите деца да им оставите шанса за подобар почеток, вели Стојановска, која додава дека заминувањето од татковината е жртва на која се принудени многу нејзини врсници.

„Научени сме да бидеме со своето семејство, научени сме да бидеме поткрепа на семејството, ги оставам родителите и сè што знам и познавам. Викаат иселувањето е жртва, затоа што првата генерација оди курбан, затоа што па наредните ако имаш дете, тогаш тоа можеби нешто ќе добие во животот како подобра опција“, вели Стојановска.

Речиси и да нема младо друштво во Македонија, кое секој месец или испраќа некого на печалба или пак пречекува. Младите кои ги анкетиравме велат дека нивните пријатели заминуваат најчесто од економски причини, но додаваат дека тие не секогаш се пресудни за иселување.

„Мислам дека заминуваат поради сигурност, од економски причини, да најдат подобра работа, но и да најдат подобри услови за социјален живот, бараат слободно движење, слободно јавно искажување на мислите, што е најбитно, тука во Македонија тоа е малку згушено.“

„Не само социјалните трендови кои што се неповолни овде кај нас влијаат врз иселувањето, влијае и политичката ситуација, влијае и недостатокот на демократија, повеќе слојни се причините“, велат анкетираните.

Данска, Финска, Норвешка, Холандија, Германија се само дел од ветените земји за младите од Македонија. Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ), вели дека квалитетот на образованието, културните можности, можностите за вработување, социјалниот живот се само дел од факторите кои ги тераат младите да останат подалеку од својот роден крај. А лекот за треба да се бара во институциите, објаснува Костуранова

„Да се заложат за стрaтешки пристап кој целосно ќе ги унапреди можностите за млади луѓе, ќе ги промени навиките на заминување од оваа земја, но тој стратешки пристап мора да се изработи со други засегнати чинители, вклучувајќи и млади луѓе кои ги знаат проблемите. Во спротивно егзодусот на млади од Македонија нема зошто да се намали или да очекуваме некаква промена,“ вели Костуранова.

Официјални бројки на државата за иселувањето досега нема, затоа што не е спроведен попис од 2002 година. Според истражувањата на Светска банка, како што јавија некои медиуми, до крајот на 2013 година од Македонија се иселиле околу 630 илјади луѓе. Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој, вкупниот број на иселени од земјава во земјите членки на оваа организација без Германија, изнесува 314 илјади луѓе. Статистичката служба на Европската унија - Евростат, пак, пресметала дека во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, најголем дел од нив млади.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG