Достапни линкови

logo-print

Гоце Стефковски септет по концертот во Њујорк на Скопје џез фестивал


Гоце Стефковски септет вечерва ќе и ги претстави своите „Седум приказни“ на публиката во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк. Покрај концертот, планирано е дел од материјалот за новиот албум да биде сниман во тамошните студија, а бендот по враќањето, зајакнат со мултиинструменталистот Џијан Емин, како круна на убавата серија перформанси по регионот, ќе настапи на претстојниот Скопје џез фестивал.

Гоце Стефковски е еден од најистакнатите македонски тапанари и перкусионисти кој на пошироката публика и е познат по соработките со Кирил Џајковски, ЛЕБ И СОЛ, АРХАНГЕЛ, Никола Коџабашија, ФОЛТИН, ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ, ДНО, Бодан Арсовски и ЕЗГИЈА ОРКЕСТАР, Зоран Маџиров и други. Тој пред нешто повеќе од три години се реши да ја почне сопствената звучна авантура и придружуван од повеќемина етаблирани македонски инструменталисти како Дамир Имери, Сашко Николовски, Иван Иванов, Трајко Велков, Кирил Кузманов и Александар Икономов го сними материјалот за својот албум „7 приказни“. Објавата понуди зрел концепт и музика во која лидерот си даде слобода да го наметне авторскиот пристап, притоа силно потпирајќи се на енергичните дувачи и на постулатите на пост-бап стилот во џезот.

Не многу потоа уследија промотивните настапи, септетот почна да ги собира симпатиите на публиката во Скопје, на штипскиот „Астибо џез фестивал“, па на „Прилеп џез викенд“... Слични беа реакциите и на третото прославување на Светскиот ден на џезот во Македонија во 2015-та, за серијата да продолжи со годинашните настапи во градовите од земјава и на фестивалите во соседството. Притоа особено за издвојување е нивниот настап на августовскиот џез фестивал во Банско, соседна Бугарија.

Сепак сето ова може да се смета само како убава предигра пред претстојните перформанси. Имено, Гоце Стефковски септет деновиве отпатува во САД каде е планирано покрај концертот во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк да одржи уште неколку свирки на кои, сем веќе документираните, ќе претстави и некои од новите композиции што во меѓувреме настануваа. Преку Океанот (од разбирливи „материјално-финансиски причини“) замина основното јадро, во кое покрај лидерот се тромбонистот и пијанист Николовски, саксофонистот Кузманов и басистот Кирил Туфекчиевски, со идеја таму да бидат вклучени уште тројца познати европски музичари кои се обидуваат да се пробијат на њујоршката џез сцена. Сите тие заедно ќе треба да влезат во студио на сесиите за втората албумска објава.

„Во тек се подготовките за снимање на новиот материјал. Би сакале него комплетно да го снимиме во Њујорк. Во некое од тамошните студија и со екипата со којашто ќе настапиме на концертот во Македонскиот центар. Не е исклучено да вклучиме и некои други гости музичари со кои и досега поединечно сме соработувале, а идејата е да добиеме автентичен звук којшто е нормален за дејноста со која ние се бавиме. Да го постигнеме оној „њујоршки филинг“. Инаку, на носачите на звук ќе има повторно седум композиции отсвирени од оваа септет формација и звукот ќе биде, да речам, приближен на оној што веќе го претставивме со забелешка дека јас лично, овојпат, како тапанар, перкусионист и лидер на состав си давам малку повеќе слобода што би значело дека ќе има и мали изненадувања за нашите слушатели и почитувачи“, вели Стефковски.

Од друга страна, тој не може да го скрие задоволството што како еден од ретките македонски музичари ќе има можност своите „7 приказни“ и оние што во меѓувреме ги креирал да и ги претстави на публиката на 35-от Скопје џез фестивал. Концертот на септетот е планирано да се одржи во сабота, на 15 октомври, во полноќната програма што вообичаено оди во Скопје сити хол и на него Стефковски и дружината до себе ќе го имаат извонредниот Џијан Емин.

„Ние со Џијан сме школски другари и пријатели повеќе од 25 години. Сме соработувале на мал милион заеднички проекти, од „Проџект Жлуст“, преку ДНО, ЕЗГИЈА на Бодан Арсовски, бендот на Кирил Џајковски... Имаме работено заедно на многу негова и моја музика. Иницијативата за овој заеднички настап ја даде Оливер Белопета низ еден наш неврзан разговор и сметам дека Џики е доволно вешт како музичар, како композитор и како инструменталист за да придонесе во креирањето на еден поинтересен и повозбудлив звук на септетот. А ние, пак, ќе се потрудиме да им дадеме некоја друга димензија на неговите композиции“, дополнува Стефковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG