Достапни линкови

Германските пратеници конечно пристигнаа во Инџирлик


Германските пратеници, кои три месеци чекаа дозвола за посета на германските војници сместени во воената база Инџирлик во Турција, денеска слетаа во оваа база на НАТО, јави дописникот на МИА од Берлин.

Откако во јуни Бундестагот ја усвои резолуцијата со која убиствата на Ерменците во Отоманската Империја во текот на Првата светска војна беа прогласени за геноцид, официјална Анкара забрани влез за политичари од Германија во воената база.

На седумте германски пратеници кои со месеци чекаа дозвола за влез, им беше овозможено да ги посетат војниците на Бундесверот, дури откако минатиот месец Бундестагот официјално потврди дека резолуцијата за геноцидот не е правно обврзувачка.

Во Инџирлик има околу 250 германски војници, како и извидувачки и авиони за дотур на гориво во воздух.

Дел од германските пратеници пред посетата се заканија дека доколку забраната за влез во Инџирлик продолжи, Германија ќе ги повлече своите војници и авиони од мисијата која има за цел да и помогне на Турција да спречи премин на бегалци преку Егејското Море.

XS
SM
MD
LG