Достапни линкови

Отворено постојаното седиште на Балканските медицински сили во Скопје


Во скопската касарна „Илинден“ денеска свечено беше отворено постојаното седиште на Балканските медицински наменски сили, составени од припадници на армиите на шест земји и тоа Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, со поддршка на Норвешка и САД. Овој круцијален регионален проект, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски пред неговите колеги-министри за одбрана на Босна и Херцеговина, Марина Пендеш, на Словенија, Андреја Катиќ и на Србија, Зоран Ѓорѓевиќ, кои присуствуваа на отворањето, има за цел да изгради регионални медицински капацитети кои ќе бидат способни да дадат брз одговор на широк спектар на кризни ситуации, како што се природните непогоди.

Министерот за одбрана на Србија, Зоран Ѓорѓевиќ, како земја која прва ја презеде командата врз вкупно 86 припадници на Балканските медицински наменски сили, која ќе ротира секои две години, нагласи дека сите држави во регионот се соочуваат со исти или слични предизвици кои повикуваат на заеднички одговор за нивно решавање.

XS
SM
MD
LG