Достапни линкови

logo-print

Предизборни тактизирања: економски или етнички прашања


Кога човек би гледал од страна навистина би помислил дека македонското општество претставува репрезентативен пример за општество со консолидирана демократија. Партиите од македонскиот блок воопшто веќе не расправаат, ниту промовираат прашања кои се надвор од економската сфера, пишува Митко Арнаудов, докторант на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во Република Македонија конечно дојде времето да се организираат избори кои пред сè ќе бидат фер и демократски. Четирите најголеми политички партии веќе не зборуваат за Договорот од Пржино, туку веќе длабоко се навлезени во предизборната кампања. Иако има повеќе од два месеци до одржувањето на изборите, во случај да не бидат одложени, партиските каравани „шпартаат“ по сите краеви во македонската држава. И оние „заборавените“, сега станаа популарни во медиумите. Впрочем, и навистина е тешко да се дојде до нив кога воопшто немаат ни асфалтиран пат.

Кога човек би гледал од страна навистина би помислил дека македонското општество претставува репрезентативен пример за општество со консолидирана демократија. Партиите од македонскиот блок воопшто веќе не расправаат, ниту промовираат прашања кои се надвор од економската сфера. Во оваа предизборна кампања и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ промовираат исклучиво економски мерки и стратегии за забрзан економски развој. Овие кои се уште претставуваат власт интензивно работат на „дотерување“ на патната инфраструктура во македонската држава, додека најистакнатите опозиционери решиле да ги враќаат младите во државата. Додека Никола Груевски промовира нови партиски програми со огромни и капитални инфраструктурни проекти во интерес на целото македонско општество, Зоран Заев, себе се гледа како обединител на опозицискиот фронт кој ќе го победи „режимот на Груевски“ и конечно македонската приказна ќе има среќен крај.

Од другата страна се наоѓаат партиите од албанскиот блок. Партиите на Ахмети и Тачи се уште тивко тактизираат или пак се припремаат за „ексклузивна изборна борба“. Никој од нивните партии не зборува за правата на Албанците во Македонија, што и не е баш карактеристично за нив ако направиме споредба со претходните изборни циклуси. Но во овој контекст никако не смееме да ја занемариме реториката на помалите албански партии од опозицијата. На чело со лидерот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, истакнатите раководства на БЕСА, ПДП и УНИТЕТИ секојдневно ги полнат медиумите со прашањата од малцинскиот корпус и маргинализираноста на Албанците во Македонија. Овие мали партии, користејќи ги механизмите карактеристични за периодот од деведесетите, повторно ги „реинкарнираат“ старите идеи за федерализација на македонската држава, за бинационализација и за воведување на албанскиот јазик како втор официјален јазик. Во однос на албанскиот јазик имаат и отворена поддршка од најголемиот лидер во опозицијата, Зоран Заев. Дали оваа подршка е само тактизирање на раководството на СДСМ да ја победи владеачката гарнитура по секоја цена или намерите за суштинско реструктурирање на Република Македонија се искрени? Дали подршката од таков вид може да го издигне СДСМ на победничкиот трон или по кој знае кој пат ќе ги смести на губитничката клупа? ВМРО-ДПМНЕ во однос на овие прашања не дигна голема „прашина“. Дали тоа значи дека и тие тактизираат со цел да се зачува позицијата или веќе однапред ја уживаат подршката пред се од ДУИ, но и од ДПА во својство на „фингирана“ опозиција?

И секако оваа предизборна приказна нема да биде доволно „сочна“ ако во неа не се вклучени и меѓународните „помагачи“. Како стројници во традиционалните обичаи за наоѓање на „соодветен“ брачен другар, така и тие шетаат со партиските каравани од едната и од другата страна, фалејќи ги своите „миленици“ од македонската политичка елита. За нив е најбитно процесот да се одвива во духот на демократијата, но и да „падне“ некое евро покрај загарантираната плата од европскиот парламент или можеби германскиот Бундестаг. Колку е ова интересно!

Одеднаш станавме толку битна држава, што дури и европските политичари интензивно се вклучени во нашите изборни перипетија. А во меѓувреме да ги прашаме, зошто ако сме толку значајни веќе 11-та година по ред го уживаме кандидатскиот статус? Зарем по таквата логика на нештата не би требало одамна да сме веќе интегрирани во европското семејство?

И на крај да кажеме нешто и за македонските граѓани. Почитувајќи ги правилата во круговите на македонската политичка елита, сметам дека е во ред, за крај, да се спомне нешто и за народот. Тие во сето ова што го наведовме немаат никаква улога. Никој за ништо не ги прашува. Слично како и во времето на Османлиската империја. И тогаш плаќале данок и молчеле, само што денес данокот е повисок, со извесни предвидувања дополнително да се зголеми, додека молчењето е вкоренет обичај. Ама доколку веќе немаат право, ниту можност јавно да го изразат своето мислење, барем добро нека размислат за кого ќе заокружат на претстојните избори и дали воопшто некој го заслужува нивниот глас. Алтернативата можеби е доста далеку од ова постоечкото и веќе виденото, но никако не е недостижна. Нека ни е честит 11-ти декември!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG