Достапни линкови

ММФ страхува од пораст на популизмот во светот


ММФ предупредува на геополитички тензии
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

ММФ предупредува на геополитички тензии

Меѓународниот монетарен фонд ја остави непроменета прогнозата за светскиот економски раст за оваа и идната година, но предупреди дека натамошната стагнација ќе ги зајакне популистичките движења против слободната трговија и миграцијата. Тоа, како што се наведува во последниот извештај, ќе доведе до геополитички тензии.

ММФ соопшти дека падот на економскиот пораст во Соединетите Држави за 2016 година, кој се должи на слабите перформанси во првото полугодие, ќе се надомести со зајакнување на економиите на Јапонија, Германија, Русија, Индија и некои други земји во развој.

ММФ смета дека САД го загубија замавот поради застојот на инвестициите и пораста на вредноста на доларот. Фондот предвидува глобалниот раст за годинава да биде непроменет односно 3,1 насто, додека догодина тој треба да биде 3,4 проценти.

главниот економист на ММФ Морис Обстфелд
главниот економист на ММФ Морис Обстфелд

„Земено во целина, светската економија се движи настрана“, оцени главниот економист на ММФ Морис Обстфелд, додавајќи дека стагнацијата ќе биде присутна и натаму доколку изостане одредена политичка акција за поддршка на економската активност на краток и подолг период.

Фондот, чие годишно собрание се одржува оваа недела во Вашингтон, најмногу е загрижен поради растот на протекционизмот.

Тука пред се се имаат предвид намерите на американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп за повторно воведување царини и за прекин на преговорите за слободна трансатлантска трговска зона.

Од друга страна, како што се наведува во извештајот на ММФ, британското гласање за излегување од Европската унија го „потхранува национализмот“ и ризикува да ја забави интеграцијата во регионот.

„Вртењето на грбот на трговијата само може да ја продолжи сегашната стагнација на светското стопанство“, оцени Обстфелд, додавајќи дека сето ова ќе придонесе за задушување на продуктивноста и иновативноста.

Според него, од витално значење е да се бранат шансите за јакнење на трговската интеграција, бидејќи во спротивно, тоа може да ги зголеми сегашните тешкотии во глобалното стопанство.

Тој исто така рече дека постојано слабиот економски пораст ги остава луѓето со пониски приходи, што, пак, може да предизвика појава на политички движења кои, како што додаде, за сите проблеми ќе ја обвинуваат глобализацијатаи ќе имаат за цел да подигнат нови трговски бариери.

„Накусо, растот е премногу низок предолго време, а во многу земји придобивките донесоа многу малку, со политички реперкусии кои, најверојатно, ќе го намалуваат глобалниот раст и натаму“, рече Обстфелд.

ММФ наведува и други ризици за идните економски движења, како на пример натамошната турбуленција од транзицијата на Кина кон попотрошувачко управувано стопанство, уште еден пад на цените на производите и наглото подигнување на трговските бариери во светот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG