Достапни линкови

АИ - Богатите земји на сакаат бегалци


Амнести интернешенел ги обвини богатите земји дека покажуваат целосно отсуство на лидерство во справувањето со бегалската криза. Во годишниот извештај објавен денеска се наведува дека само 10 земји имаат згрижено 56 проценти од бегалците во светот и оти тие се едни од најсиромашните.

Генералниот секретар на Амнести интернешенел, Салил Шети, изјави дека овие земји создаваат помалку од два ипол насто од светскиот бруто домашен производ.

„Мислам дека ироничноста на оваа ситуација е што десетте земји кои се соседи на земјите од каде што доаѓаат бегалците се домаќини на повеќе од 56 проценти од бегалската популација во светот. Најбогатите земји во светот, кои можат да се апсорбираат многу повеќе бегалци, не прават скоро ништо“, вели тој.

Според Шети, Британија е прилично тажен пример за тоа. Имено од 2011 година таа земја, како што изјави, прифатила само околу 8.000 бегалци, додека во една земја како Јордан, која е десет пати помала од Британија има 655.000 бегалци од Сирија.

Амнести предлага товарот на бегалци да се подели поправично, според територијата на секоја земја, нејзиното богатство и моменталната населеност.

Шети додава дека е време светот да излезе со она што тој го нарекува „план Б“ за справување со 21 милион бегалци во светот.

„Ако 60 до 90 земји заеднички ја поделат одговорноста тогаш ќе имаме многу поинаква ситуација и проблемот ќе може да биде решен“, рече тој, додавајќи дека станува збор за рамномерно распоредување на 0,03 проценти од светската популација.

Според последните податоци, Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци, ниту Кина, ниту Русија или некоја земја од Персискиот залив немаат прифатено бегалци од Сирија.

Амнести интернешнал ги истакнува Германија и Канада, како добри примери на лидери во исполнувањето на нивните ветувања во практика и ги повикува и другите богати земји да го следат нивниот пример.

„Не се работи само да зборуваме за бројки, бидејќи зад овие бројки се вистински луѓе. Мислам дека она што наоѓаме дека е навистина фрустрирачки е што од една страна ова е голем проблем, но тој проблем може да се реши“.

Високиот комесаријат за бегалци соопшти дека бројот на луѓето кои насилно се раселени во светот оваа година најверојатно „далеку ќе ги надмине“ рекордните 60 милиони во 2015 година, вклучувајќи ги и 20 милиони бегалци од сириската војна и другите воени конфликти во светот.

Во меѓувреме, италијанската крајбрежна стража соопшти дека само вчера нејзините припадници успеале да спасат над 6 илјади мигранти кои се обидувале да стигнат во Европа на 39 бротчиња.

Тоа е најголем број на спасувања во еден ден. Најмалку деветмина од мигрантите се удавиле. Италијанските власти прецизираат дека само во едно гумено бротче имало над 700 мигранти.

Според најновите податоци, од почетокот на годинава досега во Италија пристигнале 132 илјади мигранти, додека над 3 илјади се удавиле.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG