Достапни линкови

Широкиот фронт на Заев сè уште нејасен


Дел од партиите од левицата и граѓанските организации сè уште размислуваат дали ќе бидат дел од широкиот опозициски фронт што го најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Партијата Левица размислува дали ќе влезе во широк фронт со партиите од левицата, центарот, индивидуалци, интелектуалци и граѓани, како што вчера најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Здравко Савески од Левица вели дека имало разговори со социјалдемократите, но иницијативата на Левица целата опозиција да излезе на изборите преку здружени граѓански листи била одбиена од страна на СДСМ.

„Левица исто така кажа дека ако успеат старите опозициски партии да се обединат во широк антирежимски фронт, ние ќе ја преиспитаме нашата одлука за самостојно учество на изборите. Доста врати се затворени веќе од страна на другите за Левица да се приклучи кон коалицијата на СДСМ, но конечната одлука ќе ја донесеме наскоро на состанок на Централниот комитет на Левица“, изјави Савески.

Сè уште не е доволно јасно она што засега го предлага СДСМ, вели Јордан Шишовски од здружението Солидарност. Според него, најавите за широк фронт на опозицијата личи на чуден микс на партиско-граѓанско дејствување, а Солидарност не влегува во тој концепт.

„Солидарност не се води во партиска политика. Нашето дејствување е повеќе на терен со граѓаните. Немаме разговарано за тоа и немаме намера да учествуваме на какви било избори. Самата природа на организацијата не е изборна, така што надвор сме од таа изборна логика“, вели Шишовски.

Коментар за ова побаравме и од претставник на Шарената револуција. Павле Богоевски вели дека Шарената револуција како движење нема да влезе во изборите. Сепак, тој не потврдува, ниту демантира дека би можело да има имиња на поединци од Шарената револуција на избирачките листи.

„Како организација или движење, Шарена револуција нема да влезе на избирачките листи како што влегуваат партиите. Одредени индивидуи од граѓанскиот сектор, ако се најдат на тие листи, тоа е друга работа и тоа не значи дека Шарена револуција како организација влегува со СДСМ, ЛДП итн“, вели Богоевски.

Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека имаат принципиелна соработка со сите политички партии кои во својата програма застапуваат граѓански концепт за иднината на Македонија. На партискиот конгрес на СДСМ, лидерот Зоран Заев изјави дека најверојатно десните партии и партиите со десна провиниенција ќе одат со посебен опозициски блок, додека, пак, СДСМ и постојаната опозициска платформа ги отвора вратите за таканаречен широк фронт со индивидуалци, интелектуалци и граѓани на Република Македонија.

Неодамна Социјалдемократскиот сојуз на својата веб страница објави и отворен повик за самокандидирање за кандидати за пратеници на предвремените парламентарни избори.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG