Достапни линкови

Во Унгарија пропадна референдумот за мигрантите


Мал одѕив на референдумот во Унгарија за мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:08 0:00

Мал одѕив на референдумот во Унгарија за мигрантите

Скоро сите Унгарци кои вчера гласаа на референдумот ги отфрлија квотите за мигрантите, поставени од Европската унија. Меѓутоа, одѕивот беше премал за да може гласањето да биде важечко. Ова е своевидно разочарување за премиерот Виктор Орбан кој се надевше на јасна победа против Брисел.

Како и да е, унгарскиот десничарски лидер чија тврда политика спрема мигрантите е критикувана од групите за човекови права, но е многу популарен дома, изјави дека политичарите во Европската унија мора да го имаат предвид, како што рече, „одличниот“ резултат на референдумот.

Орбан рече дека повеќе Унгарци ги отфрлиле квотите за мигрантите отколку што гласале за членство во Европската унија на референдумот пред влезот на Унгарија во Унијата во 2004 година.

Околу 3 милиони и 250 илјади гласачи се изјаснија против квотите, додека на референдумот во 2003 година само околу 3 милиони беа за влез во ЕУ.

„Постигнавме одличен резултат, бидејќи е подобар од резултатот на референдумот за влез во Европската унија. Најпрвин оваа одлука на народот треба да ја облечеме во правна облека, така што во наредните денови јас ќе поднесам предлог во Парламентот за промена на Уставот“, рече Орбан.

Централната изборна комисија соопшти дека 98,3 насто од оние што гласале ги отфрлиле европските квоти. Меѓутоа, само околу 43 насто од 8 милиони 260 илјади луѓе со право на глас излегле на референдумот.

Тоа е многу помалку од неопходните 50 проценти за да може гласањето да биде валидно.

„Брисел ќе треба да донесе важна одлука, сега е негов ред да донесе важна одлука. ЕУ е демократска заедница. Денес во една од земјите членки, 92 насто од оние што учествуваа на референдумот се изјасниле дека не се согласуваат со намерата на Брисел“, додаде Орбан.

Заедно со другите поранешни комунистички држави од Источна Европа, Унгарија се противи на политиката со која се бара од сите земји на ЕУ да земат дел од неколку стотиците илјади луѓе кои бараат азил во Унијата.

Орбан, кој на приливот мигранти лани одговори со запечатување на јужните граници на Унгарија со ограда смета дека одлучувањето дали да се прифатат мигрантите е прашање на национален суверенитет.

Тој изјави дека Унгарија - со своите христијански корени - не сака да прифаќаголем број муслимани, бидејќи тие претставуваат опасност за безбедноста на земјата.

Неговата партија Фидеш е на власт од 2010 година и убедливо води во анкетите за јавното мислење, а Орбан, според некои аналитичари ќе го искористи референдумот за миграцијата на политичката агенда до изборите во 2018 година.

Некои други аналитичари сметаат дека референдумот бил неуспех за Орбан со оглед на неколкумесечната владина екстензивната антимигрантска кампања.

Радикалната опозициска партија Јобик референдумот го оцени како фијаско и побара од Орбан да си поднесе оставка.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG