Достапни линкови

logo-print

ПС на ОБСЕ: Да се гледа на миграцијата од хуманитарен аспект


Ефикасното справување со проблемот на миграцијата е можно преку заемна соработка и координиран пристап на сите земји. Притоа, покрај на безбедносниот, треба да се стави акцент и на хуманитарниот аспект на кризата, бидејќи, мигрантите се пред се луѓе. Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната сесија „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција врз основа на човековите права“ со која завршува Есенската сесија на Парламентарното собрание (ПС) на ОБСЕ што се одржуваше во Скопје.

Потпретседателката на ПС на ОБСЕ Изабел Сантос истакна дека на миграцијата треба да се гледа со фокус на човековите права, а не, како што рече, само како безбедносно прашање.

“Да, постојат аспекти во однос на безбедноста и миграцијата, исто како што постојат економски аспекти, но како политички лидери кои помагаат да се формираат мислењата во нашите држави сметам дека наша одговорност е да ги нагласиме хуманитарните аспекти од миграцијата. Не смееме да си дозволиме да заборавиме дека илјадниците луѓе кои го прават болниот чекор да заминат од сопствениот дом и да најдат подобар живот се пред се луѓе како нас” рече Сантос

Додаде дека не треба да се игнорираат другите акспекти, но, како што рече, човековите права треба да бидат наш приоритет.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека проблемот со миграцијата не може да се гледа изолирано и оти високите ѕидови не го решаваат тој проблем.

“Минатогодишните случувања покажаа дека доколку нема заеднички синхронизиран пристап, како на оперативно, така и на нормативно ниво, тешкотиите и заканите ќе ги споделуваат како државите поединечно, така и несреќните луѓе принудени на мигрирање” рече министерот Спасовски.

Џанлука Роко, суберегионален координатор од Западен Залкан во Меѓународната организација за миграција (ИОМ) смета дека покрај очигледната потреба за севкупна меѓуинституционална соработка, но и соработка на сите земји за поефиксно справување со проблемот, потребно е и да се понудат долгорочни решенија.

Притоа рече, потребно е да се обезбеди заштита на човековите права на мигрантите при нивното патување и да им се даде неопходната помош на ранливите групи.

Филипо Ломбарди, претседавач на Комитетот за миграции на ПС на ОБСЕсмета дека со овој проблем може да се справиме само со, како што потенцира, концепт на споделена обврска кој се обидуваме да го спроведеме.

Есенската сесија на ПС на ОБСЕ почна завчера со Медитаранскиот форум, а продолжи со парламентарната конференција на тема„Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“.

XS
SM
MD
LG