Достапни линкови

Јаќимовска – ловец на мистичната динамична енергија на градовите


„Минливи секвенци“ е насловена изложбата на младата сликарка Маја Јаќимовска што од 30 септември до 14 октомври се одржува во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Уметницата на оваа постановка се претставува со 20 дела во кои е бележита фасцинацијата од ефектите на артифициелното светло во ноќните услови како феномен којшто го продуцира човекот за своите потреби.

По само два дена од првичното самостојно претставување во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, младата уметница Маја Јаќимовска со делата од „Минливи секвенци“ еве ја и пред прилепската ликовна публика. Изложбата се одржува во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ и е сочинета е од 20 слики во кој таа се бави со фасцинацијата од ефектите на артифициелното светло во ноќните услови како феномен којшто го продуцира човекот за своите потреби.

Говорејќи за авторските потраги, Јаќимовска вели дека, иако делата ѝ се апстрактни, таа сепак не се оддалечува од реалноста туку напротив – зема од неа и сето тоа го претставува од еден свој агол. Всушност дека им дава едно поинакво значење на објектите коишто ја опкружуваат во тој простор. Истакнува дека прави кадрирање на градовите во ноќта и тие светла што остануваат, што може да ги зароби со објективот на фотоапаратот, потоа ги слика на платната.

„Сакам да ја фатам таа динамична енергија на градовите во текот на ноќта и да создадам еден мистичен и магичен свет, а всушност да ги оживеам боите. Затоа на сите дела позадината е темна, а боите се во прв план. Односно сакам да го фатам гледачот во едно одредено време и место и да го привлечам со една смела примена на контрастни бои, а од друга страна да го претставам секојдневието во коешто живееме и да го претставам хаосот, та и организираниот свет во исто време“, вели таа.

Дополнува дека е тоа она што нејзе ја фасцинира. Фактот што луѓето секојдневно брзаат. Што се губат во таквата бркотница наречена секојдневие и што почнавме да живееме се повеќе во ноќта. Од таму, уметницата е безмалку сигурна дека ќе го продолжи овој циклус и дека уште повеќе ќе се разгрануваат линиите и експлозиите на платното.

„Јас работам со едноставниот ликовен елемент каков што е линијата. Со линијата сакам да го прикажам сето она што ме опкружува. Некои од линиите се напред, други назад, се превиткуваат, исчезнуваат, се појавуваат нови. Некои вибрираат, други треперат, некои се цврсти. Всушност тоа е и она што се случува околу нас. Самата линија претставува движење. Претставува живот. Пат. Со линијата определувам некое пространство. Височина“, вели тој.

Инаку, уметницата во последно време освен со творештво се бави и со креативни илустрации за детски играчки кои една домашна фирма ги прави, креира за извоз.

„Тоа е веќе процес во кој ти како автор се обидуваш да се вратиш на почетокот. Да бидеш слободен, без никакви предрасуди и да се спуштиш на ниво на децата за да можеш да направиш нешто, нов јунак, херој, што нив би ги интересирало. Што би ги усреќило. Да дариш радост“, вели таа.

Од друга страна, Јаќимовска нималку не смета дека со нешто е ускратена што сега засега живее и твори во родниот град. Вели дека забележала оти како на мало гратче на Крива Паланка ѝ недостигаат повеќе културни настани. Дека во таа битка ќе победи посилниот, но дека таа во себе има доволно енергија и емоции на своите сограѓани да им го појасни она што го создава, твори. Да ги почувствуваат нејзините дела и да почнат да размислуваат на еден поинаков начин.

„Нема да дозволам околината да ми влијае на она што го креирам и да ми го задуши творештвото. Затоа би сакала доколку останам во оваа средина двапати повеќе да творам и уште посилна да бидам во настојчивоста да креирам уметност“, вели таа.

Во овој контекст, по Прилеп, Јаќимовска своите „Минливи секвенци“ планира да ги изложи и во родниот град.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG