Достапни линкови

Кери "фрустриран" во преговорите за Сирија


Американскиот државен секретар Џон Кери признал дека бил фрустриран поради тоа што го изгубил аргументот од Белата куќа за засилување на дипломатските напори за ставање крај на војната во Сирија со закана за користење на американската војска, пишува Њујорк тајмс.

Весникот во вчерашното издание наведува дека поседува 40 минутна аудио снимка од дискусијата на Кери со група антирежимски Сиријци во холандската мисија во Обединетите нации која се одржала на 22 септември.

Околу 20 учесници меѓу кои и претставници на четири групи кои обезбедуваат образование, спасување и медицински услуги во областите што се под контрола на бунтовниците во Сирија и дипломати од три до четири земји учествувале на дискусијата, пишува весникот.

Состанокот се одржал неколку дена откако пропадна договорот за прекин на огнот кој Кери го договори со Русија. Потоа обласите под контрола на бунтовниците во Алепо беа силно погодени од воздушните напади на Москва и силите на претседателот Башар ал-Асад.

Тајмс наведува дека Кери рекол дека повеќе пати жалел што неговата дипломатија не била поддржана со сериозни закани за воена сила.

Снимката од состанокот била направена од еден од присутните кој не е Сириец, наведува Њујорк тајмс, додавајќи дека нејзината автентичност била потврдена од неколку други учесници.

Претходно медиумите пишуваа дека Кери го притискал претседателот Барак Обама да преземе посериозна акција која би им дала сила на меѓународните напори за потиснување на Асад и завршување на сириската војна.

XS
SM
MD
LG