Достапни линкови

ММФ ги намали очекувањата за македонскиот економски раст


Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во завршна изјава по посетата на Македонија проектира раст на БДП од 2,2 отсто годинава, кој би се зголемил на 3,2 следната година под претпоставка да се одржат закажаните парламентарни избори во декември и да следува период на стабилизација.

Претходно, на почетокот на годинава, ММФ предвидуваше дека еконскиот раст да изнесува 3,4 проценти.

Мисијата на ММФ порачува три приоритети за политиките во услови на нерешена политичка ситуација и послаб раст: донесување високо квалитетни мерки во однос на приходите и расходите со цел да се изгради простор за фискалната политика и да се овозможи јавниот долг да остане под 50 отсто од БДП, одржување на стабилноста на монетарниот и на финансискиот сектор, како и подобрување на потенцијалот на економијата преку реформи на пазарот на работна сила и управувањето.

Пролонгираната политичка криза почнува да влијае на довербата и развојот во контекст на ограничен простор за делување, е наведено во завршната изјава на Мисијата на ММФ во Македонија.

Јавниот долг, стои во изјавата, двојно се зголемил од 2008 година наваму и се предвидува да достигне 48 отсто од БДП оваа година. За 2016 година, мисијата предвидува проширување на севкупниот фискален дефицит на 4 отсто од БДП.

За 2016 година, со оглед на постоењето техничка влада и краткото време до крајот на годината, се препорачува мала консолидација на 0,4 проценти од БДП потпирајќи се на кратење на трошоците за стоки и услуги како и на наплатата на заостанатите долгови по основ на ДДВ. Тоа би го довело вкупниот дефицит за 2016 година на ниво од 3,6 проценти од БДП, стои во завршната изјава на Мисијата на ММФ во Македонија.

XS
SM
MD
LG