Достапни линкови

Посветата за Леонард Коен - вовед во Скопје синема сити


Деветнаесет грижливо одбрани остварувања, од кои повеќето во продукција на Би-би-си, ќе бидат прикажани на второто издание на фестивалот за музички документарни филмови Скопје синема сити, што од 1 до 4 октомври, во организација на НОМАД-АРТ, ќе се одржи во Кинотека на Македонија.

Во ништо подобри прилики од минатата година, во услови кои ни оддалеку можат да бидат именувани за нормални и натамошно девалвирање на вистинските вредности на било кое поле, на урбано Скопје ќе му се случи второто издание на Фестивалот на музички документарни филмови. Но, овојпат наместо во почетокот на јули и на неколку отворени простори во градот, од 1 до 4 октомври, Скопје синема сити ќе се случува во удобноста на една институција каква што е Кинотека на Македонија, каде патем можеби и органски припаѓа.

Како и да е, наспроти ваквите изместувања, она што е посебно важно е сознанието дека пред нас е настан кој несомнено треба да биде пречекан со симпатии затоа што нуди грижливо одбрана програма чија основна цел е преку популарните уметнички платформи какви што се музиката и филмот да допре до различни теми, од општествени до едукативни. И, тоа посебно едукативни оти мора да признаеме дека насилието од турбоизацијата до толку се издигна во начин на битисање што се чини дека остави малку простор за инаквоста. За слободата на мислата и одбирот. Но да тргнеме со ред.

По ланската концептуална посвета на Дејвид Боуви сочинета од филмови и фото-изложба на големиот Бранислав Рашиќ, овојпат воведот во случувањето ќе биде сторен в сабота од 20 часот со филмот на Лиан Лунсон - „Јас сум твојот човек“ од 2005 година во кој во фокусот е творештвото на еден од најзначајните светски кант-автори и поети Леонард Коен. Станува збор за снимка од концертот одржан во Сиднеј опера хаус каде по песните на волшебникот посегаат и уметници како Ник Кејв, Џарвис Кокер, Бет Ортон, Д ХЕНДСОМ ФЕМИЛИ...и само во филмот ЈУ-ТУ.

Покрај ова исклучително остварување, во четирите вечери, ќе бидат прикажани уште 18 документарци од кои поголемиот дел се во продукција на Би-Би-Си. Така на програмата од овој Сервис се најдоа „Дали белците умеат да го свират блузот?“, „Роберт Плент: Јас самиот!“ и „The Factory Records: Manchester from Joy Division to Happy Mondays“ - трите на Крис Родли, Приказната за ПИНК ФЛОЈД - „Кој од вас е пинк?“, петминутниот Џон Ленон - „Го запознав моржот“ на Џош Раскин, неколку епизоди од серијалот „Би-би-си: Јас сум член на рокенрол бенд“ ...

Засебно место во програмата завземаат и делата како „Современа класична авангардна музика – Во океанот“ на Франк Шерер, „Уметноста на ремиксувањето“ на Адријан ле Гал – резултат од соработката со фестивалот ПУНКТ, „Брајан Ино – Имагинарни пејсажи“ на Мет О-кејси, 15-минутниот „Дејвид Силвијан: Подготовки за патување“ и конечно „Џеф Бакли – Сите овде те посакуваат“ на Серена Крос и „Засолниште“ на Клајв Колиер посветен на Лиса Жерар, пејачката на култните ДЕД КЕН ДЕНС.

„Концептот на програмата беше да понуди некаква разновидност. На некој начин да ја рефлектира мојата колекција на музика и на музички документарци. Од друга страна сево ова е и показ на можностите во овој момент. Посебно во случајов сакав да има нешто повеќе од англиската музичка сцена. Сакав различни аспекти од таа музичка сцена. Затоа се тука филмовите за Ино, за ПИНК ФЛОЈД, за Роберт Плент...“,вели селекторот Ненад Георгиевски.

На годинешниот „Скопје синема сити“ ќе има две фестивалски премиери: „Сецко: Толку многу љубови“ на Јордан Дуков, во продукција на ТВ Телма, и „Акт“, анимиран филм на Ацо Станковски за кој музиката е дело на композиторот Александар Пејовски. Згора на тоа публиката ќе има можност да ги погледне и документарецот на Небојша Грабеж за Влатко Стефановски - „Море сокол свири“ и филмот за легендарната македонска певица Вања Лазарова - „Со маки сум се родила“ .

Во рамките на фестивалот, а како издание на издавачката куќа „Полица“, ќе се случи и промоција на книгата-збирка на музички интервјуа „Музика и муабети“ на Ненад Георгиевски, директор на Фестивалот. Во неа на 350 страници се собрани 40 интервјуа со странски и домашни музичари. Во книгата има и ист број фотографии од реномирани странски и домашни фотографи како Жига Коритник, Тим Дикинсон, Татјана Ранташа и Димитар Петровски.

„Како татко на три деца би сакал сета таа моја работа којашто е практично апстрактна, раштркана низ повеќе медиуми во последниве 15 години, сакав да ја соберам во еден мозаик од разговори и интервјуа коишто првенстено би им послужил ним а потоа и на сите останати“, потенцира авторот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG