Достапни линкови

Почина Шимон Перес, мировник со цврсти принципи


Поранешниот претседател на Израел Шимон Перес почина во Тел Авив на 93-годишна возраст. Тој беше хоспитализиран пред две недели по претрпениот мозочен удар. Тој беше дел од речиси секој поважен настан на Израел од неговото основање во 1948 година. Перес беше добитник на Нобеловата награда за мир.

Седумдецениската политичка кариера на Шимон Перес кулминираше со Нобеловата награда за мир која во 1994 година ја сподели заедно со тогашниот израелски премиер Јицак Рабин и палестинскиот лидер Јасер Арафат.

Наградата им беше доделена за привремениот мировен договор постигнат во 1993 година, но кој никогаш не се претвори во траен.

Јицак Рабин беше убиен во 1995 година од една израелска ултранационалистичка организација која беше против договорот со Палестинците по што Перес ја презеде функцијата премиер.

Шимон Перес му беше штитеник на таткото на Израел, Давид Бен Гурион.

Се смета дека Перес бил најзаслужен за тоа што на Израел му обезбеди нуклеарен капацитет.

Имено, тоа тој го сторил со набавка на тајниот „Димона“ реактор од Франција, додека бил во израелското министерство за одбрана во педесетите години од минатиот век.

Перес како министер за одбрана го надгледуваше спасувањето на киднапираните Израелци на аеродроморт Ентебе во Уганда во 1976 година.

Тој беше претседател на Израел, главно церемонијална функција, од 2007 до 2014 година при што секој момент го користеше да ги промовира неговите заложби за мир.

„Нема алтернатива на мирот. Нема смисла да се војува. Теророт не може да испече леб да понуди свеж воздух за дишење. Тој е скап, бескорисен и не создава ништо“, беа неговите главни пораки.

Тој го формира невладиниот Перес Центар за мир за проекти за соработка и развој меѓу Израел, Палестинците и арапските земји.

Роден е како Шимон Перски во Вишнева, кој тогаш бил дел на Полска. Во 1934 година со неговото потесно семејство се преселил во тогашната Палестина.

Неговите роднини кои останаа во Полска беа жртви на холокаустот.

Напредувајќи во редовите на Лабуристичката партија, тој стана главен помошник на Бен Гурион, првиот премиер на Израел и човек кој Перес еднаш го нарече „најголем Евреин на нашето време“.

Шимон Перес особено беше ценет во светот. Американскиот претседател Барак Обама за него изјави дека е човек кој ја претставува „суштината на Израел“.

„Има неколку луѓе на овој свет кои го сменија текот на историјата на човештвото, не само преку нивната улога во настаните, туку и затоа што тие ја шират нашата морала имагинација и не присилуваат да се очекува повеќе од нас самите. Мојот пријател Шимон беше еден од овие луѓе“, изјави Обама.

Поранешниот претседател Бил Клинтон пак изјави дека „Перес беше гениј со големо срце“.

За повеќето светски државници Шимон Перес го одбележа Израел како ниеден друг политичар, наведувајќи дека тој и служел на својата земја со неговите цврсти принципи кога е во прашање безбедноста на Израел и со силната волја кога се работеше за унапредување на мировниот процес со Палестинците.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG