Достапни линкови

Гимназијалците Македонци во Тетово немаат одржано ниту еден училишен час, оти не се сместени во централниот објект на гимназијата. Без настава цел месец останаа и речиси сите ученици кои живеат во тетовските села поради необезбедениот бесплатен организиран превоз од страна на Општината.

Оптимистички започна учебната година во Тетово дека ќе се реши децениски проблем, но крајот на месецот покажа дека нема надеж за надминување на многуте проблеми во образованието. Иако на првиот училишен ден гимназијалците Македонци добија ветување од градоначалничката Теута Арифи дека наместо во други установи ќе се сместат во централниот објект на гимназијата Кирил Пејчиновиќ, тоа не се случи и затоа немаа ниту еден училишен час.

Раководството на гимназијата и Општината најавија, но не регулираа повеќе сменско одржување на настава, со цел гимназијалците Македонци да учат во централниот објект, образложувајќи дека за тоа им треба дозвола од Владата.

„Се договоривме дека министрите како што е предвидено законски да ја информираат Владата и исто така да чекаме заклучок на Владата. Со нивно задолжување и укажување до локалните власти за можни решенија“, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Без настава цел месец останаа речиси сите ученици кои живеат во тетовските села поради необезбедениот бесплатен организиран превоз од страна на Општината. Учениците од селата во повеќе наврати протестираа пред зградата на општината револтирани што самите мораат плаќаат, а дел од нив не ни посетувале настава.

„Општината има одговорност за превозот на учениците од селата. Цените се од 50 до 100 денари. Имаме семејства со социјални проблеми. Тие не можат да ги платат. Ние сакаме овие проблеми да се решат“, истакна еден од учениците.

Ахмед Ќазими, раководител на Секторот за јавни дејности во Општина Тетово уверува дека ситуација има последици од пред повеќе години, кога поранешните општински власти давале повеќе пари за превоз отколку што добивале дотации од Министерството за образование.

„Во Општина Тетово е натрупан долг за ставка на транспорт, поради тоа што се направени договори за транспорт кои што биле повисоки од оние кои се предвидени со дотацијата за транспорт на ученици. Поради тој долг немало и голем број на инвестиции во училиштата. Сите пари што беа предвидени за другите ставки биле приморани да се насочат за транспорт. Тоа што беше одлучено од страна на комисијата формирана од средните училишта на Општина Тетово. Договорот беше испратен до сите превозници кои направија жалба на тој договор до државната комисија за јавните набавки“, истакна Ќазими.

Сега се очекува одговорот на комисија за јавни набавки па повторно општината и превозниците да направат договор со кој ќе продолжи превезувањето на учениците.

XS
SM
MD
LG