Достапни линкови

Босанските Срби се изјаснија за Денот на РС


Босанските Срби изгласаа, на контроверзниот референдум кој се одржа и покрај забраната од Уставниот суд во Сараево, 9 јануари да биде Ден на Република Српска. Властите на РС соопштија дека од оние што излегле на вчерашниот референдум 99,8 проценти го поддржале празникот. Одѕивот на гласачите бил меѓу 56 и 60 отсто.

Претседателот на РС Милорад Додик изјави дека рефрендумот ќе влезе во историјата како ден на „српската решителност“.

„Горд сум на народот на Република Српска и на сите кои дојдоа и гласаа“, изјави тој на Пале во близина на Сараево.

Деветти јануари е денот кога во 1992 година пратениците на босанските Срби донесоа декларација за независност од Босна и Херцеговина, која потоа ја поттикна граѓанската војна во таа земја.

Рефрендумот предизвика најжешка дебата меѓу политичарите на босанските Срби и босанските муслимани од крајот на војната во 1995 година постигант со Дејтонските мировни договори.

Со нив, Република Српска стана една од двете конститутивни единки во рамките на Босна и Херцеговина.

Критичарите на референдумот сметаат дека тој ќе поттикне етнички тензии и ќе ги зајакне сепаратистичките тенденции во Република Српска.

Несрпското население на 9 јануари гледа како на симбол на нивното протерување од територијата која е под контрола на босанските Срби.

На 17 септември Уставниот суд во Сараево го забрани референдумот, наведувајќи дека тој е дискриминирачки за муслиманите и Хрватите во Босна.

„Деновите пред нас носат нешто ново. Ќе видиме на каков начин“, рече претседателот Додик, кој додаде:

„Мојот одговор е победа на референдумот. И ако сака некој да апси некого нека го уапси целиот референдум и нека го стави во притвор.“

Критичарите го обвинуваат Додик дека тој се обидува да ја постави сцената за иден референдум, најверојатно во 2018 година за тоа дали Република Српска би требало да се отцепи од Босна и Херцеговина.

Таквиот потег би значело крај на Дејтонските мировни договори. Додик инсистира дека сецесијата не е дел од плановите за Република Српска.

Бакир Изетбеговиќ, членот на босанските муслимани во Претседателството на Босна предупреди дека одржувањето на референдумот и покрај забраната од Уставниот суд би можело да води кон „авантура во која работите можат да излезат од контрола“.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека најважна работа е одржување на мирот и стабилноста во регионот, вклучувајќи ја и Босна.

Претходно, српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека секој кој ќе сака да ја заземе Република Српска ќе мора да знае дека тоа е невозможно, бидејќи зад неа е Србија.

Западните претставници побараа од Република Српска да се откаже од референдумот, но Русија отворено го поддржа, а како сигнал за тоа беше и средбата на Милорад Додик со рускиот претседател Владимир Путин во Москва и тоа на само три дена пред референдумот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG