Достапни линкови

Офанзива на сириските владини сили во Алепо


Воени авиони извршија нов бран воздушни напади врз областите под контрола на бунтовниците во Алепо, како дел од големата офанзива на сириската армија, која ја има поддршката од Русија.

„Нападите се интензивни и постојани“, изјави Рами Абдулрахман, директор на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, за новинската агенција Ројтерс.

САД и Русија вчера не успеаја да се договорат за повторно воспоставување прекин на огнот во Сирија. Американскиот државен секретар Џон Кери рече дека е постигнат „мал прогрес“ кон постигнувањето примирје по разговорите со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Њујорк. Лавров рече дека не е постигнат договор и го обвини Вашингтон за непочитувањето на претходниот договор.

Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека вчера биле извршени најмалку 30 воздушни напади во различни области во Алепо, при што загинале најмалку 27 цивили, десетици се ранети, а многумина се заглавени под урнатините.

Сириската армија соопшти дека почнува нова операција против источните делови на Алепо кои се под контрола на бунтовниците и каде што живеат над 250 илјади луѓе. Армиски извор вчера за агенцијата Ројтерс изјавил дека операцијата ќе биде сеопфатна, односно дека по воздушните и артилериски напади ќе следи копнена интервенција.

XS
SM
MD
LG