Достапни линкови

Четврта ноќ протести во Шарлот


Демонстрантите четврта ноќ по ред излегоа на улиците на американскиот град Шарлот, барајќи од властите да ја објават видео снимката од убиството на еден црнец од страна на полицаец, што предизвика насилни протести. Десетици демонстранти маршираа низ улиците извикувајќи „објавете ја снимката“, неколку часа откако семејството на убиениот Кит Скот објави нивна видео снимка на која се гледа убиството што се случи на 20 септември.

Ова е последно во низата убиства од страна на полицијата кои предизвикаа гнев, дебати за расизмот, сиромаштијата и односите со полицијата ширум земјата.

Двеминутната видео снимка, снимена со телефонот на сопругата на Скот, што вчера ја објави неговото семејство, не го покажува убиството, но ги доловува околностите во кои дошло до инцидентот. На снимката се слуша како сопругата на 43-годишниот Кит Скот, Ракеја, им вика на полицајците „не го убивајте, нема оружје“.

Полицијата вели дека тој носел пиштол, но неговото семејство вели дека носел книга.

Телефонот на неговата сопруга не го снима застрелувањето, но кога ќе се сврти се гледа Скот легнат кон земјата опколен со полицајци.

Полицијата досега одбива да ја објави нивната снимка од пукањето. Демократската кандидатка за претседател на САД, Хилари Клинтон, вчера на Твитер напиша дека полицијата треба да ја објави нивната снимка „без одложување“. Нејзините соработници информираа дека таа планира да го посети Шарлот утре.

XS
SM
MD
LG