Достапни линкови

Неделниците за СЈО и судовите


Уставен суд

Уставен суд

Глобус пишува - уставните судии ќе одмораат ако треба и со капути. Главна тема во Република е интервјуто на Катица Јанева за МТВ, а Фокус наведува дека судиите спасуваат глава, никој не сака да им суди на груевци.

Глобус - уставните судии ќе одмораат ако треба и со капути

„Гошева како покер играч: уставните судии ќе одмораат ако треба и со капути‟ - пишува во главната тема во најновото он-лајн издание неделникот Глобус. Накусо кажано, авторот на текстот го анализира однесувањето на претседателката на Уставен, Гошева, за која вели дека „знае да се претвори во послушен чиновник која одработува на хронометар‟, тргнувајќи од фактот дека никако не ја закажува седницата на која треба да се разгледува поднесеното барање за оценка на уставноста на Законот за СЈО. Продолжувањето на годишните одмори на уставните судии е толку наивно како политички чекор на Гошева, што го гледа и мало дете, вели авторот и додава дека тоа ја покажува целата подмолна природа на режимот кој и натаму игра покер во кој треба да ги „дознае картите‟ на политичкиот противник, за да ги отвори своите. Ќе пресече ли сега Гошева во корист на своите политички спонзори, по првите обвиненија на СЈО, кои го опфаќаат и Никола Груевски како обвинет, или решението, со веќе познат исход, ќе го одложи за по 11 октомври, кога Парламентот не ќе може да се состане!? И потсетува дека Груевски во овие околности го има Уставниот суд како последен адут - „ќе се обиде ли сега да се пазари за да не му се суди и за изборите да минат без рочиште за него?‟ - следи прашање во Глобус, и објаснување: Влогот во случајов, од политички поглед, е круцијален, секако гледан со очите на еден коцкар во што, нема сомнение, се претворил Груевски. Народот, демократијата и стабилноста за него се обични жетони, заклучува Глобус.

Република - Ќе го заштити ли СЈО свиркачот?

Главна тема во Република е интервјуто на Катица Јанева за Македонската телевизија што неделникот го добило од анонимен извор во сурова форма. А на насловната на Република, покрај фотографијата на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, пишува: „Ќе го заштити ли СЈО свиркачот? – МРТ воведе специјални стандарди за Катица‟ за да напише дека „доколку кај некого постоеше и трошка надеж за квалитетите на СЈО и за професионализмот на новинарите на СДСМ, Јанева ја уништи по десетина секунди гледање‟ за кое, според неделникот, требало силен стомак. За потоа да напише: „А за сиот срам во МТВ ќе одговара свиркачот, човекот кој на јавноста ѝ го овозможи целото, немонтирано интервју со сите глупости на Јанева?!, Па нели, СДСМ една ипол година се бори за правата на свиркачите што им ги дадоа бомбите?‟

Фокус - Судиите спасуваат глава, никој не сака да им суди на груевци

Со домашните судови се занимава и Фокус кој во анализата „Хаос во Одделението за организиран криминал во Кривичниот суд – Судиите спасуваат глава, никој не сака да им суди на груевци‟ за да напише дека откако СЈО неодамна ги поднесе првите два обвинителни предлога, а во очекување се нови обвиненија, судиите од овој оддел почнале да се разболуваат, а на дел од нив повеќе не им се допаѓала престижната функција, па барале прераспределување во помалку „опасен‟ сектор. Прашањето е дали ќе се најде јунак да им суди на властодршците или вирозата ќе го зафати целиот Кривичен суд? – прашува подбивно Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG