Достапни линкови

Власта и Јанева - напад и одбрана


Напад и навреди за Јанева, наместо суштински прашања за работата на СЈО и битката против криминалот за да се наруши позитивниот имиџ кој го има СЈО уште од самото формирање

Немаше суштинска дебата во врска со работата на Специјалното јавно обвинителство, туку говорите на пратениците од владејачкото мнозинство беа координирани само за да се девалвира тоа што го прави оваа институција, оценуваат аналитичарите.

Целта не беше да се добијат одговори за конкретната работа, туку да се дисквалификува специјалната обвинителка Катица Јанева, целото обвинителство да се претстави како партиска институција на СДСМ, а и да се дефокусира јавноста од тоа што во суштина го работи СЈО, смета аналитичарот Џељаљ Незири.

„Она што се случуваше во Собранието ми наликуваше на театар кој започна со протокот на немонтираната снимка од интервјуто на Јанева за МРТВ и тоа што се случуваше во Собранието ми наликува на продолжување на тоа сценарио“, вели Незири.

Тој потсетува дека Обвинителството формирано со Пржинскиот договор, според анкетата на ИРИ објавена почетокот на летово е институција која ужива најголема доверба од граѓаните, односно 63 отсто.

„Мислам дека тоа е целта на девалвацијата, да се наруши позитивниот имиџ кој го има СЈО уште од самото формирање“, вели Незири.

Дали Јанева ги координира настапите со СДСМ? Колкав е нејзиниот личен капацитет? Колку јазици зборува? Дали има информации колку пари е јавниот превоз во Токио?, се дел од прашањата што и беа поставени на обвинителка, а во кои постојано провејуваа обвинувања дека таа е блиска до опозициската партија.

Немаше правни прашања за специјалната јавна обвинителка, смета и адвокатот Звонко Давидовиќ. Тој набројува дека граѓаните преку прашањата на пратениците не можеа да слушнат колку време е потребно да се преслушаат сите материјали, на кој начин ги преслушуваат, дали бараат одредено кривично дело за кое веќе се слушна во јавноста или пак ги прегледуваат сите материјали по ред, каков и планот за динамиката за работата понатаму и редица други прашања.

„Не се дискутираше таму за правната процедура. Таму беше напад и одбрана на Катица Јанева. Нешто што е смешно. Вчера ги гледам поставуваат прашања за нејзиниот капацитет, искуство итн. Па тие ја избраа, таа беше нивни предлог, беа неколку луѓе во игра, но Груевски, Заев, Ахмети и Тачи, малтене излегоа и рекоа ова е најдобриот кадар што ние можеме да го предложиме и таа ќе ни биде специјалниот јавен обвинител“, вели Давидовиќ.

По дводневната дебата во собранието за вториот шестмесечен извештај на СЈО претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рече дека нејзината работа била далеку од очекувањата на неговата партија во однос на професионалноста, непристрасноста и објективноста.

Јанева, пак, ден претходно рече дека не се плаши да одговори на ниедно прашање оти ја имала поддршката од Груевски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG