Достапни линкови

logo-print

Во Шарлот полициски час поради насилните протести


Во Шарлот, Северна Каролина, е воведен полициски час поради протестите кои веќе трета ноќ продолжуваат откако полицаец застрела Афроамериканец. Американскиот претседател Барак Обама, како што соопшти Белата куќа, ставил јасно до знеање дека протестите мора да останат мирни.

За време на протестите дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите кои бараат правда во врска со инцидентот во кој беше убиен 43 годишниот Кејт Скот, кој, според полицијата, не ги послушал наредбите да го фрли оружјето.

Семејството на Скот тврди дека тој немал оружје туку држел книга во рацете и побара од полицијата да ги објави видео снимките од настанот.

Семејство, според нивниот адвокат, ги видело снимките, но на нив не се гледало дали Скот држи пиштол или книга и оти снимките отвораат повеќе прашања, отколку што нудат одговори.

Инаку, на протестите демонстрантите повторноизвикуваа „Нема правда, нема мир“ и „Немојте да не убивате“ и бараа праведни судски процеси.

Пред полицискиот час во Шарлот беше воведена вонредна состојба и беа распоредени сили на Националната гарда.

До ова дојде откако беше застрелано едно лице за кое полицијата наведе дека не била одговорна.

Досега за време на протестите биле ранети осуммина цивили и неколку полицајци, додека десетици демонстранти биле уапсени.

Гувернерот на Северна Каролина Пет Мекрори одби да наведе колку припадници на Националната гарда се распоредени во Шарлот.

„Со социјалните медиуми овие денови луѓето многу лесно ја знаат логистиката на потенцијалната јавна безбедност. Треба да го почитувате правото на гувернерот и правото на шефот на полицијата да не ги пркажат сите нивни карти“, изјави Мекрори.

Претседателот Барак Обама, според портпаролот на Белата куќа Џош Ернст, разговарал со градоначалниците на Шарлот и на Тулса каде што исто така имало протести за последните убиства на Афроамериканци.

„Претседателот, исто така, се надева дека правото на мирни демонстрации ќе биде заштитено. Но, тој, исто така, смета дека треба да биде јасно оти протестите треба да останат мирни“, рече Ернст.

На мирни протести повика и републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп кој изјави дека најголеми жртви на нередите се токму Афроамериканците во Шарлот.

„Главните жртви на овие насилни демонстрации се Афроамериканците кои го почитуваат законот и кои живеат во овие заедници и само сакаат да ги одгледуваат своите деца во безбедност и мир“, рече тој.

Последните убиства на Афроамериканци повторно ги зголеми тензиите за прекумерната употреба на сила од страна полицијата, но и за расната поделеност и сиромаштијата во Соединетите Држави.

За повеќето аналитичари, токму ваквите инциденти ќе имаат извесно влијание врз трката за иден американски претседател.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG