Достапни линкови

Насилства во Шарлот, Северна Каролина


Насилствата во најголемиот град во Северна Каролина, Шарлот продолжиле откако демонстранти се судрија со полицијата по убиството на еден афроамериканец. Ова убиство е последното во серијата слични инциденти кои предизвикаа протести и дебата за расната рамноправност, сиромаштијата и полициските надлежности.

Еден човек бил сериозно повреден на протестите по улиците на Шарлот.

Полицијата која претходно употреби солзавец, гумени куршуми и шок бомби соопшти дека не била одговорна за ранувањето на демонстрантот.

Веднаш потоа во градот беше воведна вонредна состојба и распоредени припадници на Националната гарда за да и помогнат на полицијата.

„Се обидуваме да ја растераме толпата. Бевме трпеливи, но тие станаа меногу агресивни, фрлаат шишиња врз моите полицајци, па време е да го вратиме редот“, изјави шефот на полицијата во Шарлот Кер Путни.

Гувернерот Пат Мекрори исто така изјави дека веќе немало да се толерира никакво уништување на имотот.

Клучен момент за нередите беше убиството на 43 годишниот Кејт Скот кој според полицијата бил вооржен и кој не ги слушал наредбите на полицајците да го фрли оружјето. Неговото семејство и сведоци велат дека Скот држел книга во рацете.

Властите не објавија снимка од инцидентот, но е ветено дека тоа ќе биде направено во текот на наредните денови.

Според некои активисти за човекови права во градот, единствен начин да се врати довербата во полицијата е да се објави видеото за да се види кој е виновен.

По инцидентот дојде до мирен протестен собир кој стана насилен откако стотици демонстранти почнаа да извикуваат „Црните животи се важни“ и „Нема правда, нема мир“.

Откако неколку полициски возила биле опколени од демонстрантите, полицијата употребила гумени куршуми.

Веднаш потоа почнаа нереди со кршење на излозите и ограбување на продавници.

Во судирите со демонстрантите биле повредени најмалку 16 полицајци. За многумина насилствата во Шарлот се изненадување.

Овој банкарски центар на југот на Соединетите држави има 830 илјади жители, од кои 35 проценти се афроамериканци.

Во градот немаше големи протести кога пред неколку години за слични инциденти со полицијата избувнаа немири во многу градови во Соединетите држави.

Најновите случувања во Шарлот предизвикаа демонстрации и во Тулса, Оклахома на кои е побарано апсење на полицаецот кој во минатата недела убил невооружен афроамериканец кој, според објавената снимка, ги имал подигнато рацете над глава.

Овие два инцидента повторно ги покренаа прашањата за расната пристраност во американските органи за спроведување на законот.

Тие исто така поттикнаа национална дебата за расизмот во Соединетите држави пред претседателските избори во ноември.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG