Достапни линкови

Владата се задолжува, Наумов реагира


Владата денеска позајми 44,2 милиони евра, што е за 12 милиони евра повеќе од планираното. На ова реагираше дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов, кој вели дека со денешната аукција на државни хартии од вредност јавниот долг е зголемен за девет милиони евра.

Според Наумов, само од задолжувањето на домашниот пазар месецов има нови 14 милиони евра долг на граѓаните.

Денешното задолжување уследи една недела откако Министерството за финансии ги откажа најавените и планирани аукции. Од Министерството тогаш рекоа дека сакаат да го сведат домашното нето задолжување кон нула.

Во реакцијата, Наумов наведува дека министерот за финансии Кирил Миноски мамел кога изјавил дека сака домашното нето задолжување го приближува кон нула.

„За сите злоупотреби на пари на граѓаните ќе има одговорност“, се вели во реакцијата од Кабинетот на дополнителниот заменик министер за финансии.

Владата, пак, по основ на доспеани обврски, утре треба да врати 35,2 милиони евра.

„Разликата помеѓу средствата што ќе се запишат и вратат во стопанството ќе биде ставена на депозитна страна за следната година. На тој начин, првите месеци во постизборниот период се обезбедува простор за непречено финансирање на буџетските потреби и се обезбедува фискална сигурност“, стои во реакцијата на Министерството за финансии на изјавата на дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов по повод денешната аукција на државни хартии од вредност.

XS
SM
MD
LG