Достапни линкови

Предлог - Буџетот за 2017 влезе во собраниска процедура


Предлог Буџетот за 2017 влезе во собраниска процедура. Новиот Буџет ќе биде во интерес на граѓаните, бидејќи не се загрозени платите во администрацијата, пензиите, ниту субвенциите за земјоделците, а дополнително ќе има средства за развој на стопанството и македонската економија, информира денеска пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Добро е што пред Собранието да се распушти во оние законски утврдени рокови пред новите избори кои што ни следуваат државата да функционира со нов Буџет. За нас овој Буџет е развоен и предвидува раст на бруто - домашниот производ од 3 отсто, во услови кога во најразвиените земји во еврозоната како на пример Германија, БДП не надминува 1,7 или 1,8 отсто. Од друга страна со новиот Буџет предвидуваме и намалување на буџетскиот дефицит на 3 отсто“, рече Мукоски.

Со тоа, вели Мукоски, сакаат да постигнат финансиска консолидација дополнета со намалување на јавната потрошувачка за сметка на зголемување на капиталните инвестиции, што би требало да дава дополнителна додадена вредност и дополнителен раст на македонската економија. Додаде дека се предвидува во 2017 година да се зголеми индустриското производство, странските инвестиции да бидат реализирани со што ќе се помогне на домашното стопанство и ќе се намали невработеноста.

Новиот буџет ќе треба да се донесе до 12 октомври до распуштањето на Собранието.

XS
SM
MD
LG