Достапни линкови

Можен нов бран бегалци по илегални рути


Договорот меѓу ЕУ и Турција од март 2016 година го намали приливот на бегалци преку балканската рута, но се очекува зголемување на бројот на мигранти што од Африка пристигнуваат во Италија.

Бегалската криза не е завршена и се очекува нов бран на бегалци и мигранти, соопштија учесниците на денешната меѓународна конференција која се одржа во Министерството за надворешни работи. Тие очекуваат промена на рутите, односно наместо од Турција, бегалците во Европа да пристигнуваат од Италија.

Претседателката на европското движење во Турција, Ѓул Ѓунвер Туран, вели дека и покрај тоа што нејзината земја постигнала договор со ЕУ за бегалците, проблемот не е решен. Според неа, во Турција има три милиони бегалци и предизвик за земјата во наредниот период е како на тие луѓе да им се обезбеди засолниште, образование, работна дозвола и државјанство.

„Проблемот со којшто мислам дека ќе се соочуваме во наредниот период е тоа дека брановите на мигранти и бегалци ќе доаѓаат, наместо преку источниот медитеран како што доаѓаа досега, преку централното средоземноморско подрачје и мислам дека тука Италија најмногу ќе се соочи со овој проблем“, вели таа.

Универзитетскиот професор од Турција, Дениз Шенол Серт, вели дека меѓународна обврска на сите земји е да ги прифатат бегалците, а не да ги враќаат од каде што дошле и Македонија тука нема голем избор.

Претседателот на Европското движење во Италија, Вирџилио Дастоли пак истакна дека миграциската политика е еден од приоритетите на ЕУ и неговата земја има потешкотии бидејќи голем дел од бегалците пристигнуваат преку Средоземното Море, а проблем е и нивната регистрација, односно дали тие се бегалци или мигранти. Според него, првото што треба да се направи е да се смени даблинската регулација на ЕУ.

„Треба да го смениме начинот на кој што ги ги распространуваме и дистрибуираме бегалците низ Европа. Во моментов само само 5 европски земји примаат бегалци. Постојат 28 земји и затоа треба сериозно да ја реорганизираме миграциската политика на европско ниво“, вели тој.

Претседателката на Европското движење во Македонија, професорката Милева Ѓуровска смета дека е видлива потребата од преговори, усогласувања, соработка и размена на искуствата во ЕУ. Според неа, тешкотиите произлегуваат од несразмерната одговорност на државите во рамки на Унијата.

„Договорот меѓу ЕУ и Турција склучен во март 2016 година го намали приливот на бегалци, меѓутоа аналитичарите сметаат дека не е можно да се затвори една врата во поглед на движењето на мигрантите, а сепак да не се отвори некоја друга врата и тоа се случи. Иако со помал интензитет, бегалците илегално ги минуваат границите преку непристапен терен, изложувајќи се уште повеќе на опасности и ризици“, вели таа.

Уго Поли од Централната европска иницијатива посочи дека факторот на поврзаноста на безбедноста со почитувањето на човековите права се меѓузависни и во тоа недостигаат ефективни следни чекори и мерки кои ќе ги унапредат постојните решенија со кои се регулира прашањето.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG