Достапни линкови

Арсовски: Го сликам идиотскиот начин на живеење


Безмалку 400 цртежи ќе бидат изложени на втората самостојна изложба насловена како „Најдоброто од 2015 и 2016 година“ на мултимедијалниот кич-трач, поп-треш, панк-рок... уметник, предводник на бендовите Т.Б ТРАЧЕРИ и ЦВЕЌЕТО НА ЧИЧКО ВОЛФ, филмаџија и некогашен колумнист Кирчо Арсовски, што од 19 до 30 септември, се одржува во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

Кирчо Арсовски е единствена пројава на современата македонска (суб)културна сцена. Тој е предводник на Т.Б.ТРАЧЕРИ, кумановскиот бенд кој со неколкуте објави и несекојдневни концертни настапи остави значаен белег на домашната рокенрол сцена, автор, пејач и гитарист кој во еден период ( некаде пред три години) застана и пред проектот ЦВЕЌЕТО НА ЧИЧКО ВОЛФ, потпишник на неколку „играни“ филмови, стрип автор со самосвоен и препознатлив „кич-трач, поп-треш, панк-рок...стил“ и некогашен колумнист на весниците „Време“ и „Нова Македонија.

И, токму тој, по деценија и половина од деби партизанската постановка во МКЦ во рамките на еден промо-настан на невладината ХОБС, се враќа на „местото на злосторството“. Овојпат во Галеријата и тоа со одбир од некаде над 2000 цртежи настанати во релативно краток временски период – последниве две години.

Самиот знае да каже дека по дамнешното првично претставување речиси и да заборавил на цртањето, но дека по толку време наново и од ништо условено ја почувствувал потребата да посегне по моливот, по боите – да ги полни празните листови хартија.

„Гледав слики на поп артисти и си викам: Колку е сето ова убаво! Колку би било убаво да направи човек нешто вакво! И си викам ајде да се обидам да почнам да цртам. И почнав да работам по неколку сати на ден. Некогаш цртав по девет – дест цртежи на ден. Некои беа добри, некои беа ѓубре. И така како црташ повеќе и повеќе стануваш подобар. Некако почна да ми се враќа онаа стара вештина“, вели Арсовски.

Дополнува дека се собрала „пристојна“ колекција на цртежи и си помислил дека сето тоа навистина би било убаво да и го претстави на публиката. Идејата ја споделил со Ивица Димитријевиќ, некогашниот гитарист во Т.Б ТРАЧЕРИ и сега предводник на СИЗ, а овој му се понудил да му помогне околу подготовката на изложбата. Единствениот услов било да бидат изложени што повеќе цртежи. Конечно ја заокружиле бројката на околу 400 и затоа одлучил постановката да го носи името „Најдоброто од 2015 и 2016 година“.

Појаснува дека црта исклучиво на А4 формат. Оти тоа го разбира како „кога пишуваш поезија, па тоа му дојде како да земеш форма на пишување сонет – еве ти зададен простор и ништо друго, па ти повели во него искажи се!“. Дека сите тие работи настанале како последица од гледањето на филмовите на Дизни и Пет Саливен, од зјапањето во кориците на старите палп романи, сликите на поп-артистите, стриповите од „Забавник“...како и од неизбежните идиотски претстави кои ги лансираат медиумите.

„Мене целиот живот ме занима единствено само популарната култура. Нормално главна инспирација наоѓам во сликите на тие поп артисти. Стриповите. Палп-романите од 1930-те, 1940-те...незнам дали знаеш тие повторно се на цена и се продават за големи пари. Нема врска. Тоа се стари мајстори. Ме интересираат и други автори како Кит Харинг, Пет Саливен, Баскијат... Можеби тие и не влијаат на она што го работам, ама јас уживам тоа да го гледам... Значи некаде некако и тоа ме допира.“

Прашан за тоа колку, пак, ликовното влијае врз она што го пишува Арсовки истакнува дека релациите се присутни, но дека ова е само еден друг медиум во кој се изразува и кој си има свои правила. Дека на скоро сите негови цртежи има некаков текст. Личат на карикатура, но не се карикатури. Дека иако се цртежи тој ги смета за слики...оти „се* што има бои за него е слика“. Вели дека за разлика од оние старите поп артисти од 1960-те кои го слават потрошувачкиот менталитет, денешниот поп-арт е сосема поинаков.

„Го сликам оној идиотски начин на живеење. Нервозните, хистеричните реакции на луѓето кои се наоѓаат во одредени ситуации. Така. Повеќето од овие цртежи имаат некоја приказна. Се инспирарам не само од ова што е околу мене, туку ги читам и „Дневниците...“ на Енди Ворхол“, една голема, тешка книга... и една од најсилните работи на сите времиња. Таа многу влијаше на тоа како настанаа овие цртежи.“

Од друга страна, како еден од исклучително интересните автори на домашната сцена чија енергија и поетика на најсликовит начин ги илустрираат неговите интереси и пројави, Кирчо нималку нема да ве зачуди кога вели дека нема повеќе рокенрол... Дека рокенролот во некоја глобална рамка е мртов, иако тој како забава нема никогаш да умре. Дека рокерите го немаат приматот на лоши момци како што го имаат терористите. Дека рокенролот не е повеќе субверзивен и дека неговото убиство го порачала музичката индустрија со форсирањето на интернетот. А, во однос на приликите овде кај нас, појаснува дека ако во одреден период се појават 5- 6 добри групи и ако тие бидат пречутени од медиумите тогаш тие не ќе можат да допрат до публиката и ...по некое време ќе ги снема. Во спротивно, ако таа работа се развива ќе се појават и личности кои ќе бидат способни да повлијаат врз младите кои се онаа сила која што може да доведе до промени. За себе знае да каже дека и натаму ќе остане на сцената, дека би сакал да снимат нов албум со Еди, но дека нималку не смисли дека е влијателна личност која што може нешто да промени.

„Денес ако сакаш некоја промена овде кај на би требало да очекуваш неа да ја направи некој лик од тоа турбо-фолк милје. Да се појави и да направи ршум. Па само нив ги има на ТВ и на радио. Луѓето прво се потсмеваа со тоа, па почнаа да ги сфаќаат сериозно...сега тинејџерите само на нив се палат...и за 10 – 15 години такви како Шабан Шаулиќ, Аца Лукас ...ќе се учат во учебници. Нивната музика ќе се проучува на музичките академии. Ова делува глупо, ама е реално. Натаму оди работата.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG