Достапни линкови

„Прекината одисеја“ на пат по Македонија и Полска


„Прекината одисеја“, е копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“ од Легнице. Станува збор за уметнички чин инспириран од егзодусот на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија кои завршуваат во Полска, за кој текстот го напиша Роберт Урбањски, режисер е Јацек Гломб, оригиналната музика на Горан Трајкоски, а сценографијата и костимите на Малгоржата Буланда. По премиерната изведба, оваа сабота на 17 септември, пиесата во која играат полски и македонски актери тргнува на пат по земјава, а потем е планирано да биде прикажувана во Полска.

По безмалку двегодишни подготовки, истражувања, чуени и забележани многу искрени и емотивни, на сцената на МНТ стамено ќе се исправи „Прекината одисеја“. Станува збор за копродукцискиот проект меѓу Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“ од Легнице во кој централна тема е егзодусот на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија и нивниот топол прием во Полска, една од земјите кои најмногу настрадаа во Втората светска војна.

Претставата како автори ја потпишуваат режисерот Јацек Гломб, драматургот Роберт Урбањски, композиторот Горан Трајкоски и Малгоржата Буланда која се погрижила за сценографијата и костимите.

„Раскажуваме една приказна што во одредено време ги поврза нашите народи, кои што до денеска топло зборуваат едни за други. Се надеваме дека со оваа претстава таа топлина што тие взаемно ја покажаа, тие релации што ги развија, во иднина само ќе ги продлабочиме и дека тие односи помеѓу двете пријателски земји – Македонија и Полска ќе бидат уште поцврсти“, вели Урбањски.

Во овој контекст Дејан Пројковски, директор на МНТ, забележува дека полската држава направила сè, тие деца бегалци никогаш да не заборават кои се, од каде се и кој е нивниот мајчин јазик. Тој, иако нагласува дека проектот го фрла светлото и фокусот врз децата бегалци кои европската историја до ден денес ги заборавила, сепак потенцира дека претставата не е учебник по историја туку уметнички чин и дека нималку не би сакал некој да ја третира како историски чин.

„Ова е сепак театарски чин, уметнички чин којшто исклучиво се занимава со судбините на децата бегалци кои 1948 година се протерани од Грција и завршуваат во Република Полска. Така што не би сакал претставата да биде дел од било какви дебати за историски факти и случувања, бидејќи уште еднаш ќе нагласам дека е тоа уметнички чин којшто е базиран на факти, меѓутоа од личните драми и случувања на децата бегалци. Историјата ја оставаме на историчарите, а театарот и уметноста си ги земаме затоа што тие ни припаѓаат нам“, вели тој.

Режисерот Гломб, пак, во односот на темата што ја третираат во претставата, откако и самиот ќе го стави акцентот врз нивниот уметнички чин, сосема искрено вели дека во времево на натамошни егзодуси се чини дека и не сме ги научиле лекциите од минатото.

„Јас би им поставил прашање на моите сограѓани Полјаци како е возможно по Втората светска војна кога ние бевме сиромашна земја и немавме толкави ресурси можевме да прифатиме бегалци од разни страни на светот, а денес имаме состојба каде 70 отсто од полското население не сака и не се согласува да прими бегалци во земјата. И за нас Полјаците тоа е многу важно прашање“, вели тој.

Во „Прекината одисеја“ играат околу 30-на актери од обете земји, се разбира секој на својот јазик, меѓу кои Рафал Цјелух, Габриела Фабјан, Бартош Буланда, Анита Подендњак, Зуза Моторњук, Бордан Гжешчак и други од театарот од Легнице, и нашите Владо Јовановски, Софија Насевска-Трифуновска, Сашка Димитровска, Снежана Коневска – Руси, Билјана Јовановска, Борче Начев, Томе Витанов и Трајче Ѓоргиев.

Инаку, по двете репризи во МНТ – на 18 и 19 септември, претставата го започнува своето патешествие по Македонија. На 20 септември ќе се игра во Куманово, следниот ден во Велес, потем на 22 септември во Штип, на 23 во Струмица, три дена подоцна во Охрид, на 27 и 28 овој месец во Битола и на 29 септември во Прилеп.

Слична ќе биде нејзината траекторија на движење во ноември во Полска, а како проект кој е подржан од Министерствата за култура на Полска и на Република Македонија, „Прекината одисеја“ е планирано да биде претставена и на манифестацијата „Вроцлав, европска престолнина на културата 2016 година“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG