Достапни линкови

Иванов - Николиќ: Заедничка цел се евро-интеграциите


Битола, 16.09.2016

Битола, 16.09.2016

Институциите на Република Македонија и Република Србија развиваат добрососедски односи, а наскоро очекуваме склучување билатерален Договор за заштита на културно историските споменици во двете држави, истакна денеска претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој му се заблагодари на српскиот народ за помошта при неодамнешните поплави во Скопје и скопско.

На денешната тет-а-тет средба, а потоа и во своите јавни обраќања претседателите на Македонија и на Србија Иванов и Томислав Николиќ потврдија дека нивната заедничка стратешка цел се евроинтеграциите и меѓусебната поддршка.

- Ние настојуваме со сите наши соседи да градиме добрососедски односи. Оваа посета посветена на 100 годишнината од битката на Кајмакчалан, исто како и со претходните прослави кај Забрњак и за Свети Сава покажаа како Република Македонија сака да ги гради односите со своите соседи, и затоа очекуваме и Република Србија да излезе во пресрет на оние одбележувања на настани кои ние ги имаме, а се на територијата на Србија. Сметаме дека со склучувањето на билатералниот договор за заштита на културно историските споменици ќе биде овозможено и гарантирано правото на негување, чување и чествување на културните наследства, традиции и настани од историско значење на двете страни, истакна претседателот Иванов.

Според Иванов, државите од Балканот мора да напредуваат без блокирање на целите, а тоа е членството во Европската Унија.

На заедничката средба во Битола, првите луѓе на двете држави јавно се заблагодарија на помошта и брзите интервенции до настраданото население во Скопје, односно Обреновац кое беше погодено од поплави.

-Трагедијата во која ние помогнавме како вистински соседи беше одговор на вашето пријателство и помош кога вие први помогнавте во Обреновац. Живееме на Балканот, некои од Балканот се одделија како европјани, а нам ни го оставија просторот кој сега го нарекуваат Западен Балкан, а се простира до Босна и Херцеговина. Наше е да работиме за нашите држави се уредуваат согласно европските правила бидејќи тоа е добро за граѓаните, рече претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ.

За време на својата прва посета на Битола, претседателот на Србија Николиќ, придружуван од својот домаќин претседателот Иванов прошета по Широк Сокак, а оствари средби и со претставници на српската заедница, како и со почесниот српски конзул во овој град.

XS
SM
MD
LG