Достапни линкови

logo-print

Атмосферските води ја запушуваат фекалната канализација во Куманово


Директорот на кумановски Водовод, Горан Стојковски.

Директорот на кумановски Водовод, Горан Стојковски.

Сета атмосферска вода преку олуци граѓаните ја имаат спроведено во фекална канализација, а таа не е проектирана за да ја издржи таа енормно голема количина. Тоа предизвикува запушување и излевање на канализацијата, вели директорот на кумановски Водовод, Горан Стојковски.

Летото во заминување во Куманово ќе биде запаметено и по тоа што граѓаните кои со вода се снабдуваат од водоводната мрежа, не се соочија со водни кризи. Тоа е поради конечно наоѓање на разбирање и компромис со новото раководство на ЈП „Кумановско-Липковско Поле-Водостопанство“, вели Горан Стојковски директор на локалното комунално претпријатие „Водовод“. Тој е оптимист дека и во наредниот период состојбата нема да се смени. Што се однесува до финансиската состојба на претпријатието, Стојковски додава дека се во фаза на заздравување од објективни, но и од субјективни причини.

„Ние во овој момент само ја крпиме водоводната и канализационата мрежа. А нашата основна дејност е да ја одржуваме, што подразбира замена на водоводни и канализациони цевки, проширување на водоводна и канализациона мрежа таму каде што сè уште ја нема. Се надеваме дека со промените кои што мора да дојдат по 11-ти декември ќе работиме на нашата основна дејност, а ќе ја обновиме и нашата механизација што ќе биде помогнато од УСАИД , УНДП и други. Исто така ќе можеме да ја обновиме и лабораториската опрема во филтер-станицата“, вели тој.

Во водоводната мрежа сè уште постојат азбестни цевки за што често пати опозиционите советници во општинскиот Совет упатуваат забелешки под претпоставка дека тие се штетни по здравјето на граѓаните. За овој проблем постојат противречни ставови.

„Во Куманово постојат азбестни цевки бидејќи водоводната и канализационата мрежа се градени во 60-те и 70-те години од минатиот век, кога тие се користени. За волја на вистината ниту едно истражување нема покажано дека тие се штетни. Штетна е азбестна прашина која не може да се добие со течење на вода низ водоводните цевки. Во тек е проект кој ќе започне со замена на цевките на дел од дотраената и на дел од азбестната мрежа“, вели тој.

За проблемите со мала покриеност на градското подрачје со атмосферска канализација, која при обилни дождови создава проблеми и по сообраќајниците и навлегување вода во одредени делови на градот во станбени и деловни објекти, Стојковски вели дека тоа е последица на изминатиот период кога во државава се правеле нови градежни „археолошки откритија“, а не се водело сметка за важни животни прашања.

„Во Куманово нема доволно атмосферска канализација, па затоа преку Центарот за развој на североисточен плански регион направен е меѓуграничен проект со Република Бугарија, кој ќе започне со реализација за изградба на нови 22 километри, откако ќе се заврши изградба на фекална канализација“, вели тој.

Проблемот, според Стојковски, го создаваат и самите граѓани, бидејќи се обидуваат да го решаваат на контрапродуктивен начин и за нив, за претпријатието и за градот.

„Сета атмосферска вода преку олуци воглавно ја имаат спроведено во фекална канализација, а таа не е проектирана за да ја издржи таа енормно голема количина. Затоа таа предизвикува запушување и излевање на канализацијата и во домаќинствата и на јавно прометните површини“, вели тој.

Стојковски ги повикува граѓаните да не прават несоодветни зафати со атмосферската вода и канализацијата.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG