Достапни линкови

Бегалците во Грција размислуваат за враќање дома


Животот на бегалците во камповите во Грција станал толку тежок што тие понекогаш размислуваат и за враќање во својата од војна разурната земја, Сирија, дури и по цена на нивниот живот. Условите во кампот Суда, еден од трите на островот Хиос се влошија откако бројот на бегалците се зголемил за три пати.

Шатори за околу 900 луѓе се поставени во стариот канал околу византискиот средновековен замок Хиос, со церади кои се зацврстени на ѕидовите на тврдината за да ги штитат од дожд.

За време на протестите во јуни шаторите беа зафатени од пожар.

Бегалците велат дека се уште честа појава се тепачките, но и кражбите.

Прехранувањето со сендвичи и овошје не е доволно.

Во импровизиран простор едвај поголем од два метри, 26-годишниот студент Мохамед ал Џасем, од Сирија ги минува деновите пишувајќи писма до неговата мајка дома.

„Те сакам мамо, се надевам дека ќе се видиме во иднина. Сакам да останам во Европа. Уморен сум од Блискиот Исток. Секогаш војна, војна, војна“, чита тој делови од писмото.

Доколку неговото барање за азил биде одбиено тој планира да ја обжали одлуката врз основа на тоа дека Турција не е безбедно место за него.

„Ако Турција беше безбедна земја јас не би доаѓал тука. Во тоа е поентата, а тие не ја разбираат. Ако ме испратат назад во Турција ќе се вратам во Сирија, бидејќи Турција не е мојата земја“, вели тој.

Џасем е на Хиос над пет месеци и се уште нема информации за неговата судбина.

Како и другите, тој вели дека немал друг избор освен да ја напушти Сирија.

„Не сакам да држам оружје и да убивам некого. Јас само сакам да учам, да работам, да имам нов живот, да имам нов почеток, да одам во Германија за да имам мир, да го напуштам овој неред и војната“, рече тој.

45-годишниот Сириец, Даут, пак, кажува како ги минува деновите во безделничење, слушајќи ги тепачките кои се случувале скоро секоја ноќ.

Тој има направено три интервјуа за азил, но се уште нема одговор.

Иако тој и неговото семејство се чувствуваат небезбедно, одбива да се врати во Турција, велејќи дека повеќе би сакал да се врати во Сирија и да умре отколку да се врати во Турција.

Камп со шатори, исто така, почна да никнува на плажата за капење во близина на градското пристаништето.

Пристигнувањата на грчките островите се намали на околу стотина на ден во споредба со илјадниците во минатата година по Договорот што беше постигнат со Турција.

Сепак, околу 13 илјади бегалци и мигранти во моментов се на грчките острови. Во март ги имаше само околу 5 илјади. Само на островот Хиос ги има околу 3,5 илјади.

Според најновите владини податоци, во цела Грција сега имало скоро 60 илјади мигранти. Владата постојано се бори да се справи со нив и да им обезбеди соодветна храна и објекти.

Повеќето чекаат одговор на нивните барања за азил во други земји од Европската унија, но процесот оди премногу бавно.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG