Достапни линкови

logo-print

Повторно паралелки со помалку од 20 ученици во Битола


Во Општина Битола велат дека од многу училишта има барања, и покрај што не е исполнет законскиот минимум, да ги формираат паралелките со помалку ученици за да опстојат и да работат.

Само за 15 ученици е зголемен бројот на првачиња оваа учебна година во битолските училишта во споредба со лани. Минатата година имало 1022 првачиња, а годинава 1037. И годинава најголемиот дел од битолските училишта ќе работата со паралелки со број на ученици под законскиот максимум.

Снежана Петровска, советник за образование во Општина Битола, вели дека од многу училишта има барања, и покрај што не е исполнет законскиот минимум, да ги формираат паралелките со помалку ученици за да опстојат и да работат.

„Ваква појава има во поголем дел од основните училишта, а и од средните како Земјоделското училиште, гимназијата „Таки Даскало“ и од Техничкото училиште“, вели таа.

Законскиот број на ученици во една паралелка е 25, а во повеќе битолски училишта има паралелки со 10, 12, 15 ученици, па дури и во централното градско јадро. Ваквата состојба е последица на намалениот наталитет и миграцискиот бран од кој во последните години е погодена Битола. Нема официјални бројки колку семејства се иселени, но не е тајна дека голем е бројот на одделенија кои имаат најмалку еден, а понекогаш и повеќе ученици кои со родителите заминале во странство.

Доколку се соединат паралелките со помалку ученици, тоа ќе доведе до суфицит на наставен кадар што во иднина би значело можност за отпуштања од работа. Училиштата кои имаат намален број на ученици веќе доставиле барања до надлежните за да им се овозможи работа со паралелки под законскиот минимум.

„Бројот на паралелки зависи од бројот на ученици. Но, за паралелките кои не го исполнуваат законскиот минимум за број на ученици во паралелка, училиштата испраќаат барања до Советот на Општина Битола. Доколку Советот одлучи дека ваквите барања се оправдани, се донесува одлука и се формираат паралелки со помал број на ученици“, додава Петровска.

Слична ситуација имавме и минатата година кога Советот на општината им дозволи на дел од основните и средните училишта да формираат паралелки со помалку ученици. Годинава битолското образование ќе брои 13 илјади ученици во основните и средните училишта. За споредба, во 1998 година на територијата на Општина Битола имало над 12 илјади ученици во основното образование, а сега бројката е едвај 7.500. Кај средношколците, тогашната бројка била околу 8.000, а сега нема ни 4.000 ученици.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG