Достапни линкови

Новиот ректор на УКИМ стапи на функција


Професор Никола Јанкуловски стапи на функцијата ректор на Универзитетот Св. Кирил И Методиј. Тој денеска беше инаугуриран во 23-ти ректор на УКИМ.

Во обраќањето тој рече дека има голема обврска да го продолжи патот на неговите претходници во одржувањето на автономијата и јакнењето на Универзитетот.

Ден пред почетокот на новата академска 2016/2017 година, Јанкуловски ја презеде функцијата за периодот 2016-2020. Нагласи дека преземајќи ја должноста ректор на Скопскиот универзитет е свесен дека презема мандат и голема одговорност за перманентен развој на УКИМ кој како најстар и најголем универзитет треба да продолжи да дава значаен придонес во промоцијата на квалитетот на високото образование.

Јанкуловски потпиша свечена изјава, заедно со четворицата нови проректори: за настава - Вуиса Живковиќ, за меѓународна соработка Гордана Јосифова-Неделковска, за финансии, инвестиции и развој - Билјана Ангелова и за наука - Владимир Петрушевски.

Новиот ректор ја презеде должноста од досегашниот, Велимир Стојковски, кој беше на чело на УКИМ во два мандата од 2008 до 2016 година.

Никола Јанкуловски, кој во наредните четири години ќе раководи со Скопскиот универзитет, беше декан на Медицинскиот факултет до изборот за ректор на 27 јуни годинава. Тој е абдоминален хирург и на факултетот го предаваше предметот Хирургија.

XS
SM
MD
LG