Достапни линкови

logo-print

Проблеми со изнесување на сметот во Куманово


Илустрација

Илустрација

Проблемите со изнесување на сметот во Куманово не се надминати. Топката на одговорноста се префрла од едните на другите, а сметот и отпадот остануваат таму каде што не им е местото

Кумановското Јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ покажува позитивни финансиски резултати во своето работење, но дел од советниците во општинскиот Совет сметаат дека перцепцијата на граѓаните не е таква. Има забелешки и од типот дека претпријатието се занимава и со дејности кои не се компатибилни со неговата основна функција.

Директорот на претпријатието Сашо Петрушевски смета дека незадоволството е релативно и субјективно. Претпријатието има објективни проблеми, но и граѓаните не се грижат за хигиената, исфрлање на сметот, шутот и неисправни технички апарати.

Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ забележува дека претпријатието континуирано покажува позитивни резултати, а корисниците не се задоволни од услугите.

„Да не заборавиме дека основната дејност на претпријатието е одржување комунална хигиена и изнесување смет, а тоа се занимава со други дејности“, рече тој.

Јовица Станковски од истата партија смета дека би било полезно „Чистота“ да најде начин за собирање на цврст отпад, мебел, технички апарати, кои понатаму може да се продаваат за рециклажа.

„Преземање на ресторанот во Пелинце, на Кејот, парастас салата, базенот, претпријатието преминува во друга дејност, во угостителството“, вели тој.

Драги Караџински од ГРОМ вели дека основната дејност на претпријатието како да е ставена во втор план и поради носење на неколку измени и на одреден начин напластување на други дејности на претпријатието. Тој додава дека алармирањето помогнало да се подобри хигиената само во централното градско подрачје.

„Меѓутоа жителите кои живеат во населбите и натаму реагираат дека сметот не се изнесува на време и дека има диви депонии. Дали еднаш претпријатието ќе се сврти со она за што е формирано или пак ќе продолжи со „осовременување“ и ќе се занимава со друго“, вели тој.

Максим Димитриевски од СДСМ вели дека проблемите со изнесување на сметот не се надминати.

„Сакам да напоменам дека претпријатието мора да обезбеди услови за навремено и редовно изнесување на сметот, па и во некои делови од централното градско подрачје“, рече тој.

Директорот Сашо Петрушевски објаснува дека изминатите години претпријатието успеало да ги надмине финансиските проблеми, а за успешно работење добивало и награди.

„Од 2010-та година, јавното претпријатие настојува да си ја извршува основната дејност изнесување на смет, одржување на јавни зелени површини за да бидат задоволни граѓаните во чиј интерес работиме. Но, ќе ги исполнува и дејностите кои што му ги доделува Советот на Општината“, рече тој.

Петрушевски појаснува дека „Чистота“ нема механизација, како и законска обврска да изнесува мебел и технички апарати, туку дека тоа е обврска на граѓаните таквиот отпад да го депортираат до депонијата.

За волја на вистината и претпријатието има своја одговорност за нецелосно извршување на својата основна дејност, а и граѓаните расфрлуваат се и сешто насекаде. Топката на одговорноста се префрла од едните на другите, а сметот и отпадот остануваат таму каде што не им е местото, заклучуваат советниците кои како што велат ги пренесуваат ставовите на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG