Достапни линкови

Изборите во Хрватска не ја решија политичката криза


Изборите во Хрватска, продолжување на неизвесноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

Изборите во Хрватска, продолжување на неизвесноста

Конзервативната Хрватска демократска заедница, ХДЗ, освои најмногу пратенички места по вчерашните парламентарните избори. Меѓутоа, Хрватска се подготвува на долготрајни коалициски пазарења откако гласачите повторно на ниту една партија не и дадоа јасно мнозинство да формира влада.

На второ место по освоени пратенички места се социјалдемократите кои ја предводат Народната коалиција.

Но, ниту ХДЗ, ниту социјалдемократите не можат ниту со пратениците од трето пласираната Мост да имаат доволно мнозинство во парламентот од 151 пратеничко место.

Како на своевидно разочарување на гласачите се гледа и на помалиот одѕив на изборите.

Тоа, како што наведуваат посматрачите, го искористила популистичката алијанса „Жив ѕид“ која од едно, колку што имаше досега, ќе има осум пратенички места.

Таа ова го стори со ветувања за судско гоненење на корумпираните функционери.

ХДЗ се чини дека е во најдобра позиција да формира влада, но за оваа, како и за секоја друга партија, ќе биде тешко да направи коалиција со јасен мандат за извршување на болните реформи на јавната администрација во земјата.

„Сигурен сум дека по победата вечерва ние ќе бидеме партијата која ќе ја има привилегија да формира стабилна влада во следните четири години“, рече Андреј Пленковиќ, европски парламентарец кој од неодамна стана лидер на ХДЗ.

Европската унија сака најмладата членка да го скроти високиот јавен долг, да го намали буџетскиот дефицит, да ја реструктуира јавната администрација и да ја подобри бизнис климата за да се поттикне раст во економијата во која се уште доминираат државните претпријатија.

Од „Мост“ соопштија дека токму спроведувањето на на реформите е нивен предуслов за влез во коалицијата.

Но, секое владејачкото мнозинство по се изгледа ќе треба да има поддршка и од другите помали партии, вклучувајќи ги и пратениците од етничките малцинства.

ХДЗ, која ја водеше земјата во нејзините први турбулентни години на независност, по војната и по распадот на Југославија пред 25 години, ќе се соочи со предизвикот од социјалдемократите чиј лидер Зоран Милановиќ сепак изрази надеж дека ќе формира влада.

„На Хрватска и е потребна стабилна влада и во овој момент се уште не знаеме каква ќе биде таа“, изјави тој пред симпатизерите.

Ниту една страна не понуди многу детали во текот на кампањата за тоа како ќе го донесат ветениот повисок животен стандард во една од најслабите економии во Европа, каде што невработеноста изнесува 13 проценти.

Претходната влада на ХДЗ падна по само пет месеци поради расправии и несогласувања за текот на реформите во јавната администрација.

Одѕивот на гласачите на овие избори беше за 10 отсто помал од претходното гласање пред 10 месеци.

Тоа, според аналитичарите, е бидејќи политичарите не успеаја да се фатат во костец со економските проблеми.

Токму затоа тие за време на кампањата се вратија на националистичката реторика и потези што ги доведоа односите со Србија на најниско ниво по војните на Балканот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG