Достапни линкови

Сеќавање на денот кој го шокираше светот


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

САД ја одбележуваат 15-годишнината од 11 септември 2001 година - терористичките напади во коишто загинаа речиси 3.000 лица. Терористичките напади на 9/11, во кои 19 терористи на Ал – Каеда киднапираа четири патнички авиони, беa најсмртоноснитe на територијата на САД.

Два авиони удрија во Светскиот трговски центар во Њујорк, по што кулите близначки се урнаа. Третиот авион удри во Пентагон во Вашингтон, додека четвртиот се урна во Пенсилванија, откако напаѓачите биле совладани од патниците.

Тоа беше прв странски напад на копното на САД во речиси два века и за помалку од еден месец предизвика инвазија на Соединетите држави во Авганистан.

Претседателот Барак Обама ќе ја одбележи годишнината со едноминутно молчење во Белата куќа, утринава во 8 и 46 по локално време. Тоа е времето кога првиот од четирите киднапирани авиони се удри во северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк. Потоа Обама ќе говори на одбележувањето во Пентагон.

„Во соочувањето со тероризмот, важно е како ќе одговориме“, рече Обама на 10 септември во своето неделно радио обраќање. „Не можеме да им се предадеме на оние кои ќе не поделат. Не можеме да реагираме на начини со кои ќе се поткопа структурата на нашето општество.“

Имињата на загинатите ќе бидат прочитани на граунд зиро, во близина на местото на реновираниот Светски трговски центар.

Исто така ќе се одржи церемонија на Националниот меморијал на летот 93 во Шенксвил, Пенсилванија, каде ќе присуствуваат стотици луѓе.

Вчера во Њујорк им беше оддадена почит на 343 пожарникари кои загинаа кога се урнаа кулите близначки.

Американските претседателски кандидати, Доналд Трамп и Хилари Клинтон се очекува да присуствуваат на комеморацијата на местото на Светскиот трговски центар, но двајцата се согласија на годишнината да се воздржат од кампањата и се очекува да не даваат јавни забелешки. Тие исто така денеска нема да објавуваат реклами на телевизиите.

Политичарите смеат да присуствуваат, но од 2011 не им се дозволува да ги читаат имињата и да даваат забелешки.

Џорџ Буш, кој беше претседател во времето на нападите, нема да присуствува на церемонијата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG