Достапни линкови

Николовски обвини за злупотреби во МЗШВ, реакција на министерството


Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и член на Извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски денеска обвини дека во 2014 година, преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, на фирми, како што наведе, блиски до власта им биле исплатени над 2,5 милиони евра за одржување на каналска мрежа за одводнување и наводнување на земјоделско земјиште и инвестиции наменети за водостопанство.

„Се работи за фирмите Стентон градба - близу 400 илјади евра, Силекс Неметали - близу половина милион евра, Трансмет - близу 700 илјади евра, Жикол – над 800 илјади евра“, изјави Николовски.

Тој рече дека во конечниот извештај за финаниското работење за 2014 година на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Државниот ревизор констатирaл дека близу 3 милиини евра биле исплатени преку оваа мерка, без при тоа да биде спроведена контрола на самото место и за тоа официјалните контролори на оваа агенција да достават записници.

Николовски посочи на поврзаноста на фирмата „Трансмет“ со ТВ Нова, и на Силекс Неметали со Сител, две телевизии на кои, како што наведе, можат да се слушнат пофални зборови за власта. Тој обвини и дека во време на склучување на договорот со Силекс Неметали и исплата на парите, министерот за земјоделство Михаил Цветков, бил член на Управниот одбор на Силекс АД Кратово, што, според него, е класичен судир на интереси, за кој веќе поднеле кривична пријава.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство реагирајќи на изјавата соопшти дека повеќе пати со факти ја информирале јавноста дека не се точни, како што наведуваат, клеветите, манипулациите и дезинформациите изнесени од Николовски.

„Министерот Цветков веднаш по стапувањето на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство поднесе оставка до Собранието на АД Силекс. Но, бидејќи Собранието обично се состанува еднаш годишно, Цветков дополнително и до Државната комисија за спречување на корупцијата достави нотарски заверена изјава дека не е повеќе член на овој Одбор со што е запазена законската процедура, се вели во реакцијата.

Воедно, се посочува дека за тоа кои фирми ќе ги чистат каналите било одредено на тендер со јавна електронска аукција, а договорите биле склучени со оние кои дале најповолни, односно најниски цени.

„Секое водостопанско претпријатие определува надзор кој на терен ја следи и ја потврдува извршената работа. Сите извештаи за времени ситуации покрај надзорот се потпишани од изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ. Покрај законската постапка која е спроведена во целост, министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата дополнително формираше Комисија за проверка на изведените работи поврзани со чистењето на каналите за одводнување и наводнување во чии состав покрај членовите од МЗШВ има и членови од други надлежни државни институции“, се наведува во соопштението.

Дополнително, се нагласува ве реакцијата, формираната комисија беше на терен и состави писмен извештај поткрепен со фото документација со што се потврди дека сите економски оператори ги извршиле активностите согласно условите во договорите.

„Целиот процес е воден согласно сите законски процедури што се гледа и од ревизорскиот извештај, каде што не е наведено дека средствата се исплатени неправилно, незаконски и не е наведена сума на злоупотребени средства. А, дека МЗШВ не дели тендери на фирми блиски на власта, ниту пак прави поделба по било која основа може да се види и од фактот што во три од последните пет години, за голема сума на пари, каналите ги чистеше и фирмата блиска до кланот на Заеви, АДГ Палагонија Струмица. Како што може да се види од официјалните податоци АДГ Пелагонија Струмица добила 5 (пет) тендери и на нејзината сметка, за исчистените канали се исплатени безмалку 36 милиони денари. Тоа е 20% од, според Љупчо Николовски и СДСМ, „сомнително и незаконско исплатените околу 3 милиони евра“, наведуваат од МЗШВ

Николовски, се посочува во реакцијата, го премолчува овој факт што не му одговара, бидејќи на најдобар можен начин потврдува дека тендерите за чистење канали не се делат ниту по партиска, верска, национална, ниту по каква било друга основа, туку ги добиваат фирми кои ќе дадат најповолни (односно најниски) понуди.

XS
SM
MD
LG