Достапни линкови

Северна Кореја изврши најголема нуклеарна проба досега


Северна Кореја соопшти дека во петокот извршила петта нуклеарна проба. Тоа го потврдија и Јужна Кореја и Јапонија откако бил забележан потрес во близина на местото кое Пјонгјанг го користи за нуклеарни тестови. Западот го осуди овој акт, а Кина и Јапонија започна испитувања дали се зголемила радијацијата во регионот.

Американскиот Геолошки институт и европските агенции регистрирале земјотрес со магнитуда од 5,3 степени.

Кабинетот на јужнокорејскиот претседател соопшти дека станува збор за нуклеарна проба.

Според официјален Сеул, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун покажал манијакално неуважување на меѓународните барања неговата земја да се откаже од нуклеарните активности.

Изолирана и агресивна, Северна Кореја во јануари годинава ја изведе четвртата нуклеарна проба по што следеа и неколку тестови на балистички ракети и покрај санкциите од Обединетите нации.

Во понеделникот беа истрелани три ракети со среден дострел во момент кога во соседната Кина беа собрани лидерите на Г20, меѓу кои и претседателите на Соединетите Држави и на Русија Барак Обама и Владимир Путин.

Јапонското министерство за одбрана исто така соопшти дека најновиот потрес бил предизвикан од нуклеарен тест, но најверојатно не на хидрогенска бомба.

Тоа се совпаѓа со годишнината од основањето на Северна Кореја во 1948 година и претставува сериозен предизвик за меѓународната заедница, особено за Соединетите Држави и би можело да стане фактор во претседателските избори во ноември, велат посматрачите.

Обама, по најновите извештаи, изјави дека Вашингтон ќе ги преземе сите мерки за да бидат заштитени сојузниците од севернокорејските закани.

„Веќе се воведени сите можни санкции. Значи оваа политика е во ќорсокак“, вели Тадаши Кимија, професор за корејски прашања на Универзитетот во Токио.

Јапонските власти соопштија дека веќе нема да бидат толерирани нуклеарни проби и испратија два авиона да ја измерат радијацијата.

Мерење на радијацијата во близина на границата со Северна Кореја започна и Кина. Џефри Луис од Институтот за меѓународни студии во Калифорнија смета дека ова била најголемата нуклеарна проба што досега ја извела Северна Кореја.

Сеизмичката магнитуда, според него, покажува дека станува збор за експлозија од 20 до 30 килотони, што е многу повеќе од нуклеарната бомба фрлена од Соединетите Држави врз јапонскиот град Хирошима за време на Втората светска војна.

„Најважна работа е што веќе се извршени пет проби, што значи дека Северна Кореја добила големо нуклеарно искуство“, вели Луис.

Тестот што Пјонгјанг го изврши во јануари бил измерен на околу 6 килотони.

„Значи Северна Кореја сега може гордо да ја покажува нејзината нуклеарна способност“, вели Куне Су, нуклеарен инжењер во Сеул.

Северна Кореја е под санкции на Советот за безбедност на Обединетите нации уште од извршувањето на првиот нуклеарен тест во 2006 година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG