Достапни линкови

Дневен печат – Македонија пред нови предизвици


По 25 години самостојност, Македонија денеска е пред нови предизвици, анализираат дневните весници кои објавуваат ретроспективи за постигнатото во изминатиов четврт век. Меѓу главните теми се и политичката криза и претстојните избори.

На Денот на независноста – 8 Септември, Утрински излезе со следниот наслов: „По две ипол децении нова неизвесност“, а потоа пишува дека на 25-годишнината од референдумот, Македонија е исправена пред тестот на времето: дали сè уште се движи во вистинската насока на патот што го трасираше кога се збогува со некогашната федерација.

Нова Македонија прашува: „Каде стигнавме за 25 години“ па ги наведува мислењата на поранешни функционери што беа вклучени во почетоците на изградбата на државата дека сега е време за квалитетна ретроспектива која ќе ги даде одговорите кои лекции треба да бидат научени, а кои треба да бидат целосно заборавени и отфрлени.

И додека празникот на независноста веројатно сите нè понесува со размисли за тоа што направивме и што треба да направиме за државава, реалноста е непобитна, па Утрински потсетува дека „Изборното шоу почнува, 11 декември носи голема неизвесност – политичката јавност смета дека ова ќе бидат избори со највалкана изборна кампања досега“.

Слободен печат пишува дека „Опозицијата се подготвува да напаѓа со два фронта – Битката ќе се води за ‛душите‛ на неопределните и апатичните“.

Истиот весник дури загатнува: „Се подготвува ли власта за последен удар врз тимот на Катица Јанева? – Нов атак врз СЈО ќе ги растури изборите и ќе ја продлабочи кризата“.

Дневник објавува наслов: „Нова можност за оспорување на изборите – шестата ИЕ повторно со повеќе гласачи од дозволеното – Цел Дебар од ‛шестката‛ ќе се пресели во ‛петката‛“- објавува весникот неофицијална информација.

Вечер се занимава со претседателот на ДИК, дека и тој морал да ги верификува „сите небулози на СДСМ смислени само за да се бега од избори“, како што пишува: „Чичаковски одработува за СДСМ, само за Заев тој е независен“. Инаку, Утрински објави дека „На три месеци пред изборите последните податоци од ДИК отворија нова расправија помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу прочистувањето на избирачкиот список и дека точната бројка ќе се знае кога тој ќе биде заклучен кон крајот на ноември - Избројани 1.770.736 гласачи“.

Во меѓувреме, и известувањето на медиумите се чини дека ќе биде проблем: „Се влошува состојбата во медиумите – расте бројот на претставки“ - информира Утрински од прес-конференцијата на Советот за етика во медиумите, на која е изнесено дека најголем дел од поплаките до ова тело се однесува на текстови од портали каде што не постои регулација и поради тоа се очекува нивниот број драстично да се зголеми во предизборниот период.

Нова Македонија објави: „Медиумите паднаа на етичкиот испит – Не се придржуваат кон етичките начела, иако пред повеќе од половина година 92 медиума ја потпишаа Повелбата за етичко известување за избори“.

Истиот весник ја пренесува реакцијата на невладиното здружение „Мрежа 23“ по повод изборот на нови 28 судии: „Судскиот совет продолжува да избира судии во предизборен период‟.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG