Достапни линкови

Трамп - Путин е подобар лидер од Обама


Републиканскиот кандидат за претседател на Соединетите Држави, Доналд Трамп, повторно го пофали рускиот претседател Владимир Путин, наведувајќи дека тој бил подобар лидер од американскиот претседател Барак Обама. Тој наведе дека, доколку биде избран, ќе имал „многу добри односи со Путин и со Русија“.

Путин има голема контрола врз земјата. Тоа е многу поразличен систем и мене не ми се допаѓа. Но, секако во тој систем тој е многу подобар лидер од нашиот, рече Трамп во една телевизиска емисија.

Запрашан што би направил за намалување на тензиите во односите меѓу Москва и Вашингтон доколку биде избран за претседател, тој изјави дека би имал „многу добри односи со Путин и многу добри односи со Русија“.

„Русија сака да ја порази Исламската држава исто толку многу како и ние. Ако имавме односи со Русија, нели ќе беше прекрасно да можеме да работиме заедно и да ја истерaме во пеколот Исламската држава? Зарем не би било тоа прекрасно?“, рече тој.

Трамп често е критикуван дека има пофалби за Путин и за други моќници. Но, тој не го признава тоа наведувајќи дека бил среќен за комплимент од Путин, кој еднаш за Трамп изјави дека бил „многу извонреден“.

„Ако Путин вели големи работи за мене, јас ќе кажувам големи работи за него“, рече Трамп кој сепак, додаде дека комплиментите од Путин нема да влијаат врз донесувањето одлуки кога ќе биде претседател.

Претходно Трамп предложи зголемени издвојувања за војската.

Потребните пари, според него, би биле обезбедни преку кратење на трошоците за бирократијата.

Во говорот во Филаделфија тој порача дека крајна цел му е копнена војска со 540 илјади активни припадници.

Аналитичарите сметаат дека на ваков начин Трамп сака да им се додвори на старешините на најмоќната војска во светот и да ги увери скептиците дека тој е подобен да биде врховен командант.

Тој додаде дека ако стане претседател ќе им даде на воените стрешни 30 дена да утврдат план за победа врз милитантите на Исламската држава во Сирија и Ирак.

Тој уште еднаш ја критикуваше Хилари Клинтон од Демократската партија, која му е ривал во трката за претседател, за користењето на приватниот мејл за испраќање доверливи владини информации додека таа беше државен секретар.

Според Трамп, надворешната политика на Клинтон оставила пустош на Блискиот Исток.

Клинтон, пак, која се појави на еден собир на воени старешни и ветерани, ги отфрли критиките во врска со приватните мејлови.

Таа исто така изјави дека, ако биде избрана за претседател, нема да испрати американски копнени сили во Ирак и Сирија.

„Ние никогаш повторно нема да распоредиме копнени сили во Ирак и никогаш нема да распоредиме копнени сили во Сирија. Ние ќе ја поразиме Исламската држава без да ги ангажираме американските копнени сили“, реше таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG