Достапни линкови

logo-print

Четврт век независност, ќутенката


Нема да има голема организирана прослава за одбележувањето на 25 години од независноста на Македонија. Причина? Политичарите немаат со што да се пофалат, велат аналитичари.

Четврт век е позначаен јубилеј од 20 години независност, но одбележувањето на дваесетипетгодишнината падна во сенка на актуелната политичка криза и неуспесите на повеќе полиња, сметаат некои аналитичари.

Годинава, Денот на независноста се одбележува со свечена академија, Бела ноќ низ повеќе градови, артилериска стрелба со испукување на десет плотуни и неколку други активности.

За разлика од сега, пред пет години прославата изгледаше како спектакл, а заврши на плоштадот Македонија со масовен собир.

Исмет Рамадани е еден од пратениците во првиот парламентарен состав и забележува дека речиси секоја годинава добивал покани за одбележување на независноста, но годинава, како што вели, не. Според него, власта избегнува да прави големи прослави затоа што нејзините преставници немале што да кажат.

„Тие сакаат тоа да го избегнат поради фактот што политичките состојби, односно политичката криза, веќе е толку длабока и долго трае и немаат што да кажат и немаат морал да организираат“, вели Рамадани.

И според универзитетскиот професор Лазар Лазаров, прославата за 25-годишнината не е доволно добро организирана, но тој причините за тоа ги лоцира во неуспесите на сите полиња. Што ќе кажат политичарите, прашува Лазаров, набројувајќи ги неуспесите во ЕУ и НАТО интеграциите, лошата економска состојба, иселувањето на младите и друго.

„Не може целата вина за тоа да се фрли само на последната власт, треба и наназад да се гледа од осамостојувањето досега, меѓутоа сметам дека во последниве десет години ни се случија најмногу негативности“, вели Лазаров.

Тој додава и дека до сите овие проблеми дошло поради тоа што најголемите партии, како што вели, немале чувство за државност, а партиските и личните интереси ги ставале пред државните.

Инаку, за разлика од сега, пред пет години, кога се одбележуваа две децении од независноста, прославата почна пред парламентот каде што спикерот Трајко Вељаноски ја предаде Декларацијата за независност од 1991 на гардата па таа свечено беше положена во тогаш новиот Музеј на македонска борба. Таму се одржа и театарска претстава, а армијата со почесна стрелба им оддаде почит на сите загинати херои. Низ порта Македонија поминаа илјада деца, а на плоштадот имаше 40-метарска сцена. Во настапот именуван како „Македониум“ тогаш учествуваа над 300 уметници, а пред граѓаните кои организирано се носеа од повеќе градови се обрати тогашниот премиер Никола Груевски. Годинава обраќања на политичари и масовни собири нема организирано.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG